СТИБЕРА БИЛ ГОЛЕМ ГРАД ЗАШТИТЕН СО ШИРОК КАНАЛ СО ВОДА

ГРАДОТ СТИБЕРА ВО НАРОДНОТО ПРЕДАНИЕ

„Едни прикажуаат оти Чепигоо било град, а пак друзи – имало манастир Св. Никола. Манастиро бил сè со делкан мермер. Од завис на Турците, беа го расипале и сите убаи камење и диреци ‘и донесле во Прилеп коа го напраиле Куршумли–ан, кај Рибни пазар. Во моето детинство го втасав ано расипан и куршумо од манастиро, јет сега покријана Чарши џамиси. На портата од ано имаше обесени две плочи со синџир икони од манастиро само дојдени. Многу пати Турците ‘и скршиле и ‘и фрлале, арно ама пак тие си иделе и си се обе суале на местото. И ден–денеска можи да стојат, ако не је расипан ано.“1

Марко Цепенков

Чепигово
Чепигово

Споменот за големиот антички град Стибера, изгледа, се задржал и меѓу наро дот од Пелагонија. За Чепигово и неговата околина се среќаваат голем број различни преданија. Некои од нив говорат за големи и убави градби од мермер кај селото Чепигово, други за голем град кој зафаќал површина дури до соседните села на Чепигово и сл. Жителите на денешното село Чепигово, исто така, живеат со чувството дека во просторот на кој е лоцирано нивното село и во неговата околина, под земјата, се кријат “големи” градби и остатоци од некоја голема населба во минатото. На тоа постојано ги потсетуваат и многубројните дупки кои, речиси, секој ден ги среќаваат по теренот, посебно на ритчето „Бедем“ и на ритчето „БакарноГумно“, на кои копаат многубројните трагачи по скриени богатства и по археолошки предмети. За дивите трагачи, Чепигово е еден од најатрактивните локалитети кој “многу ветува”. Колку археолошки материјал е однесен во непознат правец од нив, тешко е да се прет по стави.

Се знае само тоа дека од официјалната археологија за повеќе од 4 децении не е пронајдено, речиси, ништо од градот Стибера бидејќи нема нови истражувања. Исклучок е еден, повеќе или помалку, случаен наод на античка скулптура на голо машко тело, која е пронајдена минатата година при изведувањето на проект за конзервација на одамна истражуваниот гимназиум.

Дел од селото Чепигово со тумбата Бакарно Гумно
Дел од селото Чепигово со тумбата Бакарно Гумно

ГРАДОТ СИЦАРА (СТИБЕРА) НЕКОГАШ БИЛ ГОЛЕМ ГРАД ЗАОБИКОЛЕН СО КАНАЛ СО ВОДА

Во народните преданија постојат претпоставки и „тврдења“ дека градот кај селото Чепигово бил многу голем и зафаќал простор на кој денес се расположени неколку села. Ваквите заклучоци се крепат дури и на извесни наоди од постарите времиња кои се среќавале на повеќе места, не само во близина на селото Чепигово. Интересно е пишу вањето на Марко Цепенков за некој наод на гроб кај селото Воѓани. Еве што пишува тој: „Колку еден саат од с. Чепигоо има едно село што се вика Воѓани. Во синоро воѓан ски има многу темелишта од вар и тули. За тие темелишта се вели да бил градо Чепигоо дотамо. Пред шес–седумдесет години, кревајќи ендек Бреше, на ед на нива, удри на еден гроб со плочи од мермер, и коа ја дигна горната плоча што да види: една царска златна коруна, патерица и сите царски садои, дискои, тепсии, шандани, сè од злато и едночудо алтани.“2 Натаму Марко Цепенков пишува дека Бреше дошол до кавга со соседот кој го видел богатството и, бидејќи Бреше не сакал да му даде од него, тој го накажал кај пашата во Битола. Дошле Турците и откако го мачеле Бреше со „неисказани маки“ го зеле богатството и „сите луѓе“ ги отерале во затвор во Битола и таму „коски остаија“.3 Дека Стибера бил голем град пишува и Ѓорѓи Трајчев во својата книга „Град Прилеп“. Според него, како што се кажувало, градот кај Чепигово се викал Сицара и бил расположен на просторот на денешните села: Чепигово, Бучин, Светомитрани, Веселчани и Тополчани, имал пречник од 10 километри и бил заобиколен со голем канал кој се полнел со вода од Црна Река крај која се наоѓал и самиот град. Каналот служел за заштита на градот од напади.

Црквата „Св. Никола“ од југоисток
Црквата „Св. Никола“ од југоисток
Икона со св. Никола од црквата во Чепигово, која го носи неговото име
Икона со св. Никола од црквата во Чепигово, која го носи неговото име

Ѓорѓи Трајчев споменува дека денес на местото на градот има 4 цркви и урнатини од градби. „Денес тука стрчат 3–4 куќи и урнатини од цркви: Св. Спас, Св. Никола, Св. Тодор и Св. Димитрија, раздалечени, една од друга, по 10 – 16 минути.“4

Денес во Чепигово егзистира црквата „Св. Никола“, која е преполна со мермерни елементи од старите градби на Стибера, како во самата градба, како сполии, така и во просторот околу неа. Еден камен со впечатлива црна боја и со мазни површини, исто така, е предмет на преданија и верување. Според кажувањето на Борче Ртоски, кој е жител на Чепигово, некогаш порано, извесен жител на селото го товарил каменот на запрежно возило и го однел од местото. По извесно време, од некакви причини, морал повторно да го врати во дворот на црквата. Тој и денес е на своето место, а пред неколку години, дошла извесна екипа и зела примероци од него за да го испита неговиот состав и потеклото.

Од големиот број преданија, поврзани со селото Чепигово и стариот град Стибера, посебно интересно е преданието за тумбата „Бакарно Гумно“. Според тврдењето на жителите на селото Чепигово, при орањето на нивите на оваа тумба излегувале големи парчиња од печена земја. На неа тие често наоѓале големи дупки копани од дивите копачи, а споменуваат и случаи, при кои копањето се одвивало ноќе и посебно орагнизирано.

Црквата „Св. Никола“ од југоисток со апсидата
Црквата „Св. Никола“ од југоисток со апсидата
Борче Ртоски со неговиот внук
Борче Ртоски со неговиот внук

Археолозите овде пронашле остатоци од праисториска населба, поточ но, од енеолитското (времето на бакарот) и бронзеното време.5 Самата тумба „Бакарно Гумно“ има впечатлива форма, со прилич но стрмни страни. Со својата куполесто обликувана форма, посебно се истакнува југозападната страна која заличува доста “неприродно”. Кај Марко Цепенков за „Бакарно Гумно“ е запишано: „…; на тумбата има едно рамно место, колку едно гумно и тоа место се вика Бакарно Гумно. ……За Бакарното гумно ништо не се прикажуа, кој го праил и кој му го дал тоа име. Само се прикажуа за една железна врата што имало околу таа тумба. Во таа врата влегле луѓе и големи чудесии виделе.“6 Понатаму во преданието за селото Чепигово, запишано кај Марко Цепенков, се говори за некоја жена која перела на езерцето крај тумбата кога се отворила железната врата и таа влегла внатре. Таму ја пречекал некој старец и и` покажал еден чуден манастир, „ја внесол црква и је покажал едночудо алтани и карагрошеви“.7 Старецот ѝ кажал на жената дека откако Турците ќе си заминат „тогај ќе излези на мегдан манас тиро и тогај ќе се намножи Чепигоо и ќе биди па град, као што бил некоаш“.8 „Бакарно Гумно“ го споменува и Георги Трајчев. За него тој пишува: „Крај селото има „могила“ наречена Бакарно Гумно со остатоци од стари тули; се наоѓаат мермерни столбови, мермерни плочи, статуи со натпис и фигури“.9

Црн камен во дворот на црквата
Црн камен во дворот на црквата
Фрагмент од мермерен столб и други камени блокови од селото
Фрагмент од мермерен столб и други камени блокови од селото

Самото име „Бакарно Гумно“ има чудна коинциденција со археолошките наоди кои упатуваат на населба на оваа тумба, токму од времето на бакарот. Дали име то на овој локалитет се заснова на старо сознание дека во бакарното време на тум ба та имало населба или жителите на ова место наоѓале многу бакар и бакарни пред мети при обработката на земјата?

ГРАДОТ СТИБЕРА ПРЕКУ ТУНЕЛ БИЛ ПОВРЗАН СО ПРИЛЕПЕЦ КАЈ ПРИЛЕП

Можеби големиот број мермерни споменици и остатоците од стари градби кои можат да се видат на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово и сличните наоди кај село то Прилепец, кое се наоѓа десетина километри источно од Прилеп на работ на Пела го нија, ги поттикнале жителите на околните места на размислување и обид за објас – нување на потеклото на таквите остатоци. Така се создале интересни преданија кои говорат за извесни големи градби, тунели и сл. Така кај Трајчев може да се сретне: „Тоа село (Чепигово з.м.) подземно имало врска со с. Прилепец (јужно од гра дот). Во тоа село има „безистен“ под земи (стари урнатини). Марко Цепенков влегол со татко си во тој безистен, за да ги видат парите, кои биле чувани од еден смок.“10 Дека постои тунел кој ги поврзувал двете антички населби кои се наоѓале кај селата Чепигово и Прилепец, има верување и кај некои од денешните жители на околните населби, а верувањето посебно е нагласено кај лицата кои тра гаат по скриени богатсва, а меѓу другото, го бараат и тунелот кој ги поврзувал стари те населби.

Прозорчето на апсидата од црквата со две мермерни столпчиња и јонски капител
Прозорчето на апсидата од црквата со две мермерни столпчиња и јонски капител
Фрагментиран јонски капител
Фрагментиран јонски капител

За манастирот кој некогаш егзистирал кај селото Чепигово, според предание, се вели дека бил еден од многуте имоти на манастирот „Трес ка вец“11,под врвот Зла товрв северно од Прилеп. Потврда на тоа може да биде и едно евенгелие од 15 век, сопственост на манастирот „Трескавец“, пронајдено во црквата на соседното село на Чепигово, Тројкрсти.12

МЕРМЕРНИ БЛОКОВИ И ДРУГ ГРАДЕЖЕН МАТЕРИЈАЛ ОД СТИБЕРА БИЛ НОСЕН И ВО ПРИЛЕП

Материјалот кој останал по запустувањето на градот Стибера бил разносуван на разни страни. Мермерни споменици од овој стар град, можат да се сретнат во големброј села од Пелагонија. Од народните преданија дознаваме дека таков материјал во минатото е донесен и во Прилеп и дека од него се градени и цели објекти. Кај Марко Цепенков читаме: „Едни прикажуаат оти Чепигоо било град, а пак друзи – имало манастир Св. Никола. Манастиро бил сè со делкан мермер. Од завис на Турците, беа го расипале и сите убаи камење и диреци ги однесле во Прилеп коа го напраиле Куршумли–ан, кај Рибни пазар. Во моето детинство го втасав ано расипан и куршумо од манастиро јет сега покријана Чарши џамиси. На портата од ано имаше обесени две плочи со синџир икони од манастиро само дојдени.“13

Основа од мермерен столб, сега основа на дрвен столб во тремот на црквата
Основа од мермерен столб, сега основа на дрвен столб во тремот на црквата
Куршумли ан во Прилеп - северна половина
Куршумли ан во Прилеп – северна половина

Тврдењето дека градбата Куршумли–ан во Прилеп, од која денес има еден голем ѕид во центарот на градот, била направена од камења донесени од Чепигово се среќава и кај Георги Трајчев.14 Околу денешниот остаток од ѕидот од Куршумли–ан во Прилеп можат да се видат голем број мермерни споменици обработени во разни форми.

Што се однесува до иконите од мермер, кои во времето на Марко Цепенков стоеле обесени на портата на градбата, за нив пишува и Боро Мокров, тврдејќи дека една од нив стоела обесена на ѕидот сè до 1886 година, кога исчезнала.15 Мокров, исто како и Марко Цепенков, тврди дека постоеле обиди иконата да биде симната од ѕидот, но дека таа сама се враќала на своето место.

Куршумли ан во Прилеп
Куршумли ан во Прилеп
Мермерен архитектонски елемент од Куршумли ан
Мермерен архитектонски елемент од Куршумли ан