ОСТАТОЦИ ОД СТАРА ЦРКВА, НАСЕЛБА И УТВРДУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „АТАНАВЧИЦА“ КАЈ СЕЛОТО РОПОТОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Ридот „Атанавчица“, всушност е рид на св. Атанасие, кој на неговиот врв имал и свој храм уште во подалечното минато. Денес од храмот останале слаби траги на рамното плато на ридот. Археолошките траги упатуваат на остатоци од извесна градба уште во првите векови на новата ера.

Остатоци од стар ѕид пред изградба на нов објект
Остатоци од стар ѕид пред изградба на нов објект

Единствениот рид во атарот на селото Ропотово се вика „Атанавчица“ („Танавчица“). Тој се наоѓа на северозападната страна на селото, некаде на границата со атарот на селото Рилево. До врвот на ридот води земен пат по сртот на ридот тргнувајќи од центарот на Ропотово, односно од регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод, и поминува источно од селската црква. Патот е прооден за одредени видови возила, како трактор и џип, но со одредено внимание до врвот може да се пристапи и со леко возило. Ридот „Атанавчица“, всушност е рид на св. Атанасие, кој на неговиот врв имал и свој храм уште во подалечното минато. Денес од храмот останале слаби траги на рамното плато на ридот. Археолошките траги упатуваат на остатоци од извесна градба уште во првите векови на новата ера. Според раскажувањето на жители од селото Ропотово, на врвот имало бројни активности од страна на разни непознати лица, трагачи по скриени богатства. Трагите на нивните активности јасно се забележуваат и денес. Авантуристите ја раскопале целатаградба во нејзината внатрешност, но раскопувале и во нејзината околина, при што на површина извадиле и извесни количества археолошки материјал. Меѓу големиот број археолошки остатоци кои ги откопале при потрагата, на површината се гледаат откопани гробови од типот циста, фрагменти од тегули и имбрекси, фрагменти од керамички садови, како и десетина фрагменти од плочи со изработени крстови во повеќе форми, како крстови со постамент, прави крстови, крстови со грановидни краци, заокружени и други форми на крстови. Фрагментите од плочите денес се прибрани во рамките на темелите на градбата чии остатоци сè уште се забележуваат, како и во нејзината блиска околина.

При нашата посета со Борче Крстески
При нашата посета со Борче Крстески

Определени, тешко видливи траги, упатуваат на, најмалку две фази на градбата. Големиот број фрагменти на тегули, како и на цигли од пораните културни периоди, упатуваат на градба уште во рисмкиот период или, барем во доцната антика и раното христијанство. Тоа значи дека на врвот „Атанавчица“ во почетните векови на христијанството била изградена своевидна ранохристијанска базилика, чии траги денес се навистина многу слаби, но сепак, на теренот, можат да се насетат извесни основи од поголема градба, со апсида на источната страна. Во некој од средните векови, според она што може да се констатира од остатоците, веројатно била направена поскромна градба од претходната. Особено, неспорен е фактот дека црквата била користена и за погребни активности, односно на просторот на кој е поставена, како и околу градбата, имало поголем број гробови од типот циста. Од сегашните видливи остатоци, може да се констатора дека на тој простор имало некропола од најмалку 10 гробови од типот циста. Нјамалку два од нив и денес можат да се видат на теренот, а според ориентацијата, тие биле поставувани во правецот исток – запад.

Старата градба од југоисток
Старата градба од југоисток
Од североисток
Од североисток

Големото и зарамнето плато на врвот упатува на негова експлоатација и во претходниот период, односно во македонскиот и римскиот. Фактот што овој рид се наоѓа во близина на патот кој поминувал преку превојот Барбарас, преку кој во тие периоди навлегувале разни завојувачи и ограбувачи,1 не наведува на помислата дека овој рид располагал и со извесно утврдување и имал извесна стратешка намена во одбраната, како помошно кале на големиот број помали и поголеми утврдувања од двете страни на споменатиот превој. Веќе објавивме материјал за најголемата тврдина која била расположена источно од Барбарас, во близина на селото Дебреште, на локалитетот „Градиште“, која била главна тврдина со поголема населба од градски карактер, токму во периодите за кои овде станува збор. За потребите на одбраната на жителите од Пелагонија биле изградени уште голем број помали утврдувања на околните врвови со погодна местоположба и платоа за таа намена. Археолозите веќе забележале неколку такви утврдувања, како во близина на превојот Барбарас и на врвот Острец, така и на другата страна на превојот, во просторот на општина Македонски Брод, во областа Порече, каде археологот Виктор Лилчиќ опишал голем број утврдени места.2 Такви утврдувања има на повеќе места, во поблиско или малку подалечно растојание од превојот и на страната на Пелагонија. Сите тие биле со одредена намена за одбрана од нападите на Илирите, Дарданците и другите завојувачи од север, кои често преземале ограбувачки походи во Пелагонија и Македонија, пошироко.

На местото на олтарот
На местото на олтарот
Видливи остатоци од ѕидот на старата градба
Видливи остатоци од ѕидот на старата градба

„Атанавчица“, по сè изгледа, располагала и со населба во нејзиното источно подножје и на падиниите од таа страна. На тоа упатуваат археолошките остатоци на тие површини, особено наоди од керамички материјал, но и остатоци од ѕидови, на кои наидувале жителите на Ропотово при обработката на земјоделските површини. Уште повеќе, жителите наведуваат дека извесен ѕид, кој започнувал, некаде во близина на врвот на „Атанавчица“, продолжувал по коса линија по источната падина на ридот сè до ниските делови на падината. Неретки се и изјавите на некои од жителите, дека при ваквите земјоделски активности, од земјата често се појавувале и плочи од гробови и слични наоди.

Овде треба да се споменат и остатоците од извесна населба од западната страна на „Атанавчица, односно, на локалитетот „Попова Чука“ во чија средина се наоѓа помала тумба. На површините во нивите околу тумбата се наоѓаат фрагменти од керамички садови, тегули и сличен археолошки материјал. Овој локалитет се наоѓа во на ниските падини, односно во подножјето на „Атанавчица“.

Остатоци од старата градба
Остатоци од старата градба
Еден од гробовите од типот циста
Еден од гробовите од типот циста

Остатоците од христијанска градба на врвот „Атанавчица“, како и преданието дека таму се наоѓал стар манастир или црква, ги навеле жителите на селото да се зафатат со изградба на нов христијански храм на врвот. Целата активност околу обновата, односно изградбата на манастирска црква ја координира претседателот на месната заедница, Веле Ташкоски, кој е решен, целата работа да биде завршена до крај. Активностите се во тек и членовите на Одборот веќе, се здобиле со потребните документи, со благослов и проект за градбата од Преспанско-пелагониската епархија, а на 9 октомври е закажано и осветување на темелите, кое ќе го изврши владиката Преспанско-пелагониски г Петар.

 

 

ДРУГИ ОСТАТОЦИ ОД СТАРА КУЛТУРА:

НАДГРОБНИ СПОМЕНИЦИ СО КРСТОВИ ВО РАЗНОВИДНИ ФОРМИ:

ОСТАТОЦИ ОД КЕРАМИКА: