ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА ПЕШТЕРСКА НАСЕЛБА ВО АТАРОТ НА НЕКОГАШНОТО СЕЛО МЕЛНИЦА ВО МАРИОВО
Денес нема населба на местото на старото запустено село Мелница кое се наоѓа на пет километри пред селото Витолиште во Мариово. Неговиот атар, сепак е познат за жителите на околните села бидејќи некогашните жители на Мелница се преселиле, главно, во нив. Во просторот кој му припаѓал на некогашните жители на Мелница денес се среќаваат голем број траги од древно постоење кои нè водат дури и до најдлабоката праисторија на постоењето на човекот.

Геолошкиот состав на теренот на испустеното село Мелница во областа Мариово, Прилепско и неговата околина е преполн со варовнички слоеви кои овозможиле создавање голем број пештери уште во најстарите времиња.Тоа значи дека овие пештерски простори на евентуалните живи суштества, кои би се нашле во близина, им даваат можност да се засолнат од разните природни непогоди. Над селото Мелница, од негова северна страна под врвот на ридот Рамнобор се среќаваат комплекс од пештери со пештерски простор кој дава можност за засолнување. Пештерите се распоредени под самиот раб на рамното плато на ридот Рамнобор и се протегаат во правецот југозапад-североисток. Се работи за неколку поголеми и помали пештери кои денес можат да обезбедат заштита од неповолните надворешни услови. Всушност, тие се користат за тоа од сточарите кои на овој простор одгледуваат добиток. Во една од првите пештери од југозападната страна, која има два влеза, во двата простора кои се поврзани со внатрешен широк ходник се среќаваат подлабоки сонди отворени од непознати лица, а околу сондите можат да се најдат остатоци од искршени керамички садови од кои најмногу праисториски форми и симболика. Слојот од наслаги, според ископаните сонди, е дебел и до еден метар, а можеби и повеќе, што укажува на можноста од постоење други праисториски наоди, останати од некогашното користење на пештерите како живеалишта. Фактот што во овој простор се наоѓаат цел комплекс од пештери упатува на можноста од постоење цела пештерска населба во далечното камено време. Кога велиме каменото време мислиме на целиот период во кој спаѓаат старото камено време (палеолитот) и новото камено време (неолитот), кој е констатиран со пронајдената керамика во пештерите и во нивната близина. Имено парчиња од неолитска керамика можат да се најдат и кај другите пештери од комплексот, што ја потврдува претпоставката за постоење праисториска населба во пештерите. Од пештерите најинтересна е веќе споменатата со два влеза во која се пронајдени најмногу фрагменти од праисториски керамички садови. Во неа има и некои темни ходници кои не можат да се испитаат без соодветна опрема. Некои делови имаат форма на своевидни канали кои со соодветно испитување би можеле да покажат дека се дело на човечка рака. Содветни стручни анализи ќе покажат дали некои од парчињата камења со одредени “симптоматични” форми, кои се наоѓаат кај пештерите не биле извесни култни предмети или предмети за практична намена, кои се посебно актуелни за старото време, палеолитот и дали не претрпеле насилни промени со интервенција од некогашните жители на пештерата.

Слични пештери има и на други места околу ридот Рамнобор на кој се наоѓа комплексот за кој овде станува збор. Тука се некои пештери од североисточната страна на ридот, но и на поширокиот простор во некогашниот атар на Мелница. Наодите од праисториска керамика се присутни и на просторот кој паѓа надолу од пештерите кон југоисток. Всушност, овој простор, веројатно, е дел од праисториската населба бидејќи керамичките наоди распространети по него, и тоа на неколку хектари површина се многу чести и интересни. Освен тоа на доста стрмниот простор има делови во форма на тераси кои се подѕидувани со груби и големи камења од домородниот варовночки камен. Со оглед на фактот што на целиот простор е распространета керамика од праисторијата не е исклучена можноста дека терасите на земјиштето биле поготвувани за изградба на живеалишта. Соодветни археолошки истражувања можат да покажат дали на целиот простор не се наоѓала населба од новото камено време или некои од следните периоди на праисторијата.1 Без соодветни истражувања не може да се каже ништо поконкретно, освен фактот дека присуството на праисторискиот човек на овој простор е евидентно, а тоа од своја страна е еден од многуте примери дека мариово било населено уште во најстарите периоди од појавата на човекот. Дека се можни и траги од палеолитскиот ловец кој живеел во периодот пред 10 000 до 12 000 години пред н. е. укажува и археологот Паско Кузман, кој упатува на условите кои за тоа владееле во тој период на просторот меѓу селата Манастир, Бешиште и Мелница, посебно во делот кој гравитира кон Црна Река.2 Многу слабите или сосема непостоечките истражувања на палеолитот на македонскиот простор не нѝ даваат можност да кажеме нешто повеќе за него. Паско Кузман упатува на скромните наоди уште од 1918 година од страна на францускиот археолог-праисторичар Етиен Пат, кој поминал во околината на Битола за време на Првата светска војна враќајќи се од Солунскиот фронт и притоа пронашол два палеолитски предмети во близина на селата Буково и Кристифорово (Крстоар). Тие денес се наоѓаат во неговата колекција, во универзитатскиот град Поатје во Франција,3 а од објавените текстови за нив дознаваме и ние. На македонските простори, околу денешна Македонија се пронајдени повеќе локалитети со наоди од палеолитот посебно во делот од Македонија кој денес се наоѓа во рамките на Грција. Имтересен е еден наод на човечки череп кој е пронајден во 1960 година во пештерата Петралона на полуостровот Халкидик каде подоцна се пронајдени други предмети кои му припаѓаат на овој период.Овој наод предизвикал остри полемики меѓу научниците во врска со неговото потекло и датирање. Некои од научниците имаат и спектакуларни гледишта поврзани со споменатиот наод. Сепак, за черепот се смета дека му припаѓал на неандерталски (Homo Rhodesiensis) тип на човек.4 На територијата на Република Македонија повпечатливи наоди на палеолитот се поронајдени во пештерите Макаровец I и Макаровец II кај Велес, кои се истражувани уште во педесетите години на минатиот век.5


Дека се можни наоди од палеолитот и во Мариово покажуваат констатираните фосилни остатоци од околината на селото Манастир каде е вршена јамска и површинска експлоатација на дијатомејска земја. Освен тоа треба да се претпостави дека Црна Река со своите води и бујната флора и фауна давала можност за прехрана и на некогашните жители кои, евентуално, се населувале покрај нејзините брегови. Што се однесува до населувањата во новото камено време тие се присутни во необично голем број во Мариово, посебно покрај двата брега на Црна Река. Праисториската населба за која станува збор овде, односно, под тумбата Рамнобор е исто така не многу оддалечена од Црна Река (5-6км), а треба да се забележи дека во долината од нејзината југоисточна страна протекува реката Бутурица која доаѓа од кај селото Витолиште, а во која се влива и Полчишка Река, што е дополнителен услов за живеење во овој простор.




На крајот неопходно е да се истакне дека на локалитетот Рамнобор, каде може да се констатира населба од новото камено време, присутна е керамика и од античкоит период што овој локалитет го прави уште покомплексен. Интересен е фактот дека фрагменти од керамички садови со антички обележја се наоѓаат и пред самите пештери, што сигурно е показател за извесна намена на пештерите и во овој период од цивилизацијата на човекот. Можеби повторно се работи за комплексна организација на населба од тој период во која пештерите имале своја функција. Не е исклучено тие да служеле и за своевидни храмови или светилишта, што не е ретка појава во тоа време. Всушност, пештерите со своите темни ходници и недопирливи простори отсекогаш зрачеле со мистика која возбудува, предизвикува стравопочит и ја потикнува фантазијата. Не треба да се исклучува ниту заштитниот карактер кој пештерите го имаат во времето на минатото населување на овој простор.