БРОНЗЕН МЕЧ ОД ВРЕМЕТО НА ТРОЈАНСКАТА ВОЈНА ОД РУДНИКОТ „СИВЕЦ“, КАЈ СЕЛОТО ПРИСАД, ПРИЛЕПСКО

На околу 14 km на север од Прилеп на еден поголем крак од планината Бабуна, пред врвот Мукос се наоѓа превојот Дервен преку кој воделе патишта и уште од древни времиња, а денес се уште има прооден пат преку кој се преминува на територијата на општина Велес. Околината на овој превој, речиси, сигурно крие интересни остатоци од древните времиња кога овој превој бил многу поактивно користен. Пред сè, тој е еден од превоите преку кои племињата од север преминувале на територијата на Македонија, најчесто со ограбувачки намери. Од овие причини тој морал да биде посебно бранет и веројатно на некоја од неговите страни биле градени и објекти кои служеле за таква намена. Тоа посебно важи за периодот од IV–III век п.н.е. кога Македонија е силна империја на Балканот.

Јаловината од рудникот „Сивец“ со ддолината под превојот „Дервен“ 2
Јаловината од рудникот „Сивец“ со ддолината под превојот „Дервен“ 2

На 2–3 km. до превојот Дервен се наоѓа селото Нов Присад, а преку еден превој со мала надморска височина јужно од Дервен се оди во Стар Присад. Во близина на Нов Присад се наоѓа и рудникот за квалитетен бел мермер „Сивец“ од кој веројатно потекнуваат голем број мермерни споменици од старите населби низ Македонија1. Тоа упатува на древната традиција на експлоатација на мермерен камен од овој рудник кој и денес во голема мерка со својата белина ги бранува духовите на пошироката јавност. Гледано од овој аспект само како старо рудно наоѓалиште овој рудник претставува значаен археолошки локалитет. Во секој случај некои наоди од неговата околина покажуваат древно присуство во неговата околина.

„Сивец“ - просторот на експлоатација 1
„Сивец“ – просторот на експлоатација 1

Еден меч од древните времиња пронајден во една случајно откриена некропола на која се истражени 4 гробови2 претставува интересно археолошко наоѓање. Гробовите кои биле правени со плочи, а наоди имало само во еден од нив во кој е пронајден и бронзениот меч. Заедно со него се пронајдени и еден бронзен прстен и два прдмета од коска.3 Тоа се едни од ретките наоди регистрирани од археолозите иако големиот број раскопани дупки по теренот околу Присад покажува дека дивите трагачи се постојано присутни овде и веројатно голем број археолошки предмети красат некои непознати збирки. Самиот факт што во гробовите кај Присад се пронајдени бронзени предмети буди асоцијација на бронзеното време. Археолозите, сепак, таквите наоди ги датираат на почетокот на железното време. Бронзениот меч датира од XII век п.н.е. што не потсетува на времето на Тројанската војна опишана во еповите на Хомер која се случила на почетокот на истиот век и траела цели 10 години.

„Сивец“ - просторот на експлоатација 2
„Сивец“ – просторот на експлоатација 2
Бронзениот меч и другите наоди од гробовите во „Сивец“ - фото: Веб- страна на Завод и Музеј од Прилеп
Бронзениот меч и другите наоди од гробовите во „Сивец“ – фото: Веб- страна на Завод и Музеј од Прилеп

ХОМЕР ПЕЕ ЗА ОРУЖЈЕТО

Токму во овие епови во описите на јунаштвата и погубувањето на јунаците од двете страни многу често се споменува бронзата од која биле изработени копјата, мечовите, ножевите, оклопите, како и богато украсените шлемови и други предмети. Во својот еп Илијада Хомер, меѓу другото, значително место им посветил на јунаците од Пајонија, областа од долното течение на Вардар која досегала дури до овие простори. Освен за јунаците Хомер во своето сликовито и со силен поетски набој поетско пеење се осврнува и на оружјето кое го носеле тие. Најпрво тој Пајонците ги нарекува „со кривите лакои“, а во натамошните стихови тој го опишува погубувањето на првиот голем војсководец на Пајонците Пирајхме, а потоа и на Астеропај и на уште неколку Пајонци. Астеропај, според Хомер, потекнувал од Пелегона, а тој пак од реката Аксиј (Вардар) и Перибоја која била вљубена во речниот бог. По загинувањето на Астеропај од мечот на најсилниот јунак на страната на Ахајците, Ахил, во еден дел од стиховите Хомер опејува и делови од неговото оружје:4

 „Ако ми повељаш веќе, Антилоху, друго од домот

јас да му дадам на Евмел, ќе г, исполнам радо и тоа;

оклопот ќе му го дадам, од Астеропај што го пленив,

бронзан, што околу него се истурил истопен калај,

целиот блескав и бел, што за онега многу ќе вреди.

 Ова се дел од стиховите во кои Хомер пее за постапката на Ахил по убиството на јунакот и водач на Пајонците Астеропај. Тој во момент на одмор меѓу големиот број битки организирал натпревари помеѓу своите јунаци на кои се доделувале и награди. Една од наградите е и оружјето на Астеропај. Мечот пронајден кај селото Присад е долг 57 cm. со сечило од двете страни и со поткршен врв. Неговото датирање археолозите го прават, според т.н. критски преселби на Балканот кои се случиле меѓу 1400 и 1300 г. п.н.е. Слични мечови се пронајдени и на други места. Гробовите во кои е пронајден мечот, според димензиите, одговараат на погребување во згрчена положба. Четирите истражени гробови веројатно се дел од поголема некропола на тој простор која не е целосно откриена. Тоа од своја страна претпоставува постоење и на населба од тоа време. За жал, до денес немаме такви откривања. Можеби токму заради тоа откритието на бронзениот меч се третира како импорт од север по критските преселби кои од своја страна се случувале на двапати на просторот на Македонија. Првите се случиле како што веќе пишувавме погоре во времето од 1400 до 1300 г. п.н.е., а вторите неколку века подоцна, односно околу VIII век.

Јаловината и селото Нов Присад 3
Јаловината и селото Нов Присад 3

НОВИ НАОДИ И НОВИ ПРИКАЗНИ ОД РУДАРИТЕ ВО СИВЕЦ

Во текот на изведувањето на рударските активности во рудникот „Сивец“ рударите се соочуваат со разновидни појави, меѓу другото и со предмети од културна природа. Пред десетина години, при ископ на мермерна маса, бил откопан поголем гроб и во него биле пронајдени распаднат шлем, рачка од нож или меч, а на посебно место биле пронајдени и извесен број монети, според недоволно потврдени информации, од средниот век. Шлемот се распаднал на лице место и заедно со рачката од мечот биле фрлени, додека монетите биле разграбани од присутните. На сличен начин е пронајден и гроб од камени плочи, од типот циста со мали димензии. Во него бил пронајден земјен сад со четири рачки, кој бил брзо искршен. Во садот се наоѓал череп од мало дете или бебе, како и еден врв од стрела. Стрелата се чува кај еден од вработените, а искршениот сад, исто така, го собрал некој од присутните, со намера да ги залепи парчињата и да го состави садот. Особено е интересно тврдењето дека во садот, кој веројатно, бил сад за погребување – урна, се наоѓал и метален врв од стрела. Претпоставката е дека ваквата појава може да укажува на извесно жртвување на мало дете или бебе во некој од постарите периоди. Овие информации упатуваат на фактот дека локалитетот „Сивец“ крие уште многу културни изненадувања и дека е неопходно следење од надлежни институции и стручни лица. Фактот што овој рудник е место на експлоатација на мермер со милениуми само ја потврдува можноста за нови наоди на материјална култура на тој простор. Последниве години, околу селото засилено се зафаќаат нови простори за експлоатација на мермер. Се следи ли оваа активност на фирмите за експлоатација од страна на надлежните институции за заштита на културното наследство? Не сакајќи ова прашање да биде разбрано како своевиден сомнеж, само ќе упатиме на полезноста од поблиска соработка со овие фирми со цел да не се дозволи залудното исчезнување на извесното културно богатство, кое евентуално се крие на тој голем простор.