НА ЅИДОТ ОД КУРШУМЛИ АН ВО ПРИЛЕП НЕКОГАШ СТОЕЛЕ ДВЕ КАМЕНИ ИКОНИ

Еден од впечатливите културни остатоци на минатото во Прилеп е познатиот Куршумли–ан во центарот на Прилеп. Според пишувањата на постарите писатели и пренесуваните преданија во врска со него, анот бил изграден од Турците по нивното освојување на Балканот. Имајќи предвид дека Прилеп бил еден од позначајните градови во Македонија во изминатите векови со голем и познат пазар на кој доаѓале и трговци и од многу странски земји, анот во тоа време, веројатно, бил многу посетено место и во него престојувале и карваните кои ја пренесувале стоката. Затоа не се чудни тврдењата дека бил ан за камили и сл., бидејќи овие животни биле долго користени за пренос на стоки во минатото. Интересни се некои податоци од преданијата поврзани со материјалот од кој е изградена оваа стара градба од која денес Прилеп има само еден голем ѕид.

Куршумли - ан, ан-фас
Куршумли – ан, ан-фас

Околу ѕидот и пошироко во паркот се забележуваат голем број мермерни споменици кои со своите форми потсетуваат на постарите периоди на постоење и не водат во предтурскиот период и антиката. Дали големите столбови, постаменти и други мермерни елементи потекнуваат од некои постари градби од стариот Прилеп и пошироко? Во преданието за Чепигово пренесено од Марко Цепенков стои:1 – „Едни прикажуаат оти Чепигоо било град, а пак друзи – имало манастир Св. Никола. Манастиро бил со делкан мермер. Од завис на Турците беа го расипале и сите убаи камење ‘и диреци ‘и донесле во Прилеп коа го напраиле Куршумли–ан, кај Рибни пазар. Во моето детинство го втасав ано расипан и куршумо од манастиро јет сега покријано Чарши џамиси.“

Откосо
Откосо

Дека Куршумли–ан бил изграден од камен од Чепигово каде што имало голем антички град пишува и Георги Трајчев, кој, исто така потврдува дека оттаму во Прилеп се пренесени камени блокови и столбови. Тој вели дека покривот бил “куршумен” (оловен) и дека после бил однесен на Чарши–џамија, а потврдува дека бил донесен од Чепигово како и камените блокови и столбовите.2 Сето ова укажува на староста на овој ан кој веројатно потекнува од поодамна, посебно ако е точна констатацијата дека неговиот покрив е пренесен на џамијата во центарот на Прилеп.

Украсен со бршлен
Украсен со бршлен

Во врска со Куршумли–ан посебно е интересно преданието за две камени икони кои наводно дошле сами на ѕидот од анот дури од Чепигово кога бил растурен тамошниот манастиир Св. Никола. Денес е познато дека во ова мало село во чија близина во антиката егзистирал голем антички град има мала црква со ист патрон како и наведениот манастир кај Марко Цепенков.

Скриен во бршлен
Скриен во бршлен

Еве како запишал Цепенков за спомнатите икони: – „На портите од ано имаше обесени две плочи со синџир икони од манастиро само дојдени. Многу пати Турците ‘и скршиле и ‘и фрлиле арно ама пак тие си иделе и си се обесуале на местото. И ден–денеска можи да стојат, ако не је расипан ано.“ За иконите пишува и Боро Мокров кој наведува дека една од нив стоела на ѕидот од анот се до 1886 г., а потоа исчезнала.3 И Мокров наведува дека иконата сама се враќала на своето место на ѕидот и покрај тоа што имало обиди да биде отстранета. Според пишувањата, иконите биле во голема мера оштетени и не се распознавало кои биле светците насликани на нив. Во секој случај, јасно е дека се работи за споменици од мермер на кои биле изработени човечки ликови и дека постоеле и долго време се наоѓале обесени на ѕидот од анот. Како дошле на него и дали мистичното објаснување е поврзано со некои претходни случувања, тешко е да се каже.

Северната половина од Куршумли - ан
Северната половина од Куршумли – ан

Денес околу остатоците од анот можат да се видат само големите мермерни елементи како што се столбови и постаменти и други форми на обработен камен од древното време. Според она што може да се забележи од остатоците на ѕидот анот како градба се протегал источно од денешниот единствен зачуван ѕид. Темелите се наоѓаат под површината на денешниот парк на чиј простор била големата градба изградена со широк ѕид од здрави камени блокови. Денешниот споменик на Методија Андонов – Ченто е поставен токму на линијата на темелите на оваа градба. Според фотографиите, кои ја претставуваат состојбата на градбата пред околу еден век, односно, Првата светска војна, градбата имала завидни размери, зафаќала голем простор и се истакнувала како значајна архитектонска градба.

Откосо
Откосо

Иако малку е запишано и немаме многу информации за урбаниот простор во овој дел од градот во постариот период, познато е дека во околината на Куршумли-ан имало и други објекти, кои од различни причини се срушени и сосема избришани од тој простор.

Два мермени споменаика кај анот
Два мермени споменаика кај анот
Два мермени споменаика кај анот
Два мермени споменаика кај анот