„ИСПРАВЕН КАМЕН“ – ВОЛКОВО, ПРИЛЕПСКО

На околу 500 m северно од Волково Село на ритчето се наоѓа осамена испра­вена карпа со домороден корен, која претставува вистински мегалит. Поради ваквата форма на карпата, местото е познато како Исправен Камен“. Искористена е при­род­на форма на карпата, при што е можно нејзино дообликување во сегашната фор­ма. Дека карпата била објект на извесна општествена или култна примена, укажуваат неколку елементи, кои се забележуваат на самата исправена карпа, како и на ниската карпа од нејзината јужна страна. Од двете страни на менхирот, на неговите вертикални површини, има по една издлабена дупка во која можеби стоеле извесни колови – на северозападната страна дупка со пречник 0,06 m и длабочина од 0,19 m, на висина од 0,93 m, а на југоисточната страна дупка со пречник 0,12 m и длабочина од 0,35 m, на висина од 0,60 m.

Височината според човечка димензија
Височината според човечка димензија

На ниската карпа од јужната страна, која има површина од околу 3 m2, се нао­ѓа­ат голем број кружни и надолжни длабнатини чиј распоред е тешко да се иден­ти­фи­кува и да се долови извесна артикулација. На северозападната вертикална површина на менхирот се забележуваат и неколку помали длабени форми, крај левиот раб, кои водат косо кон врвот на карпата. Од северната страна на карпата – менхир, речиси, веднаш до неа се наоѓа уште една помала карпа, со видно зарамнет горен дел, но нејзината форма е нарушена со откршување на дел од неа во минатото.

Исправен камен од југозападна страна
Исправен камен од југозападна страна

Крај самиот менхир, од една диво раскопана јама, во неговата основа излегле фраг­менти од керамички садови. Според украсува­ње­то, изработката и квалитетот тие ука­жуваат на праисторискиот пери­од од енеолитот до бронзеното време, односно од 3 500 до 1 200 година п.н.е. Тоа упатува на констатација дека во овој голем вре­менски период во праисторијата или во дел од него, менхирот значел централен об­јект на извесно култно или општествено случување. Не треба да се заборави фак­тот што овој менхир се наоѓал во заокружување на голем број населби од разни периоди, меѓу кои и во праисторијата. Локалитетот Мечка“, во атарот на селото Селце, кој има остатоци од значајна праисториска населба од енеолитот се наоѓа на околу 2 km се­верно, а траги од праисторија има и на локалитетите под селото Прилепец, Безис­тен“ – пронајдени се предмети од бронзеното време и Долишта“ – пронајдени се архе­о­лошки наоди од архај­скиот период. На локалитетот Змијарникот“, во под­ножјето на Дренска Планина, во бли­зина на тврдината Марков Ѕид“, се среќаваат фрагменти од керамички садови со белези од бронзеното време. Траги од насе­лу­вање има и во непосредна близина на мен­хи­рот, од неговата источна страна каде има и забележителни длабени форми по карпите, јужно од него, на локалитетот Долишта“, како и на локалитетот Каракамен“, источно од менхирот, каде можат да се сретнат голем број траги од интервенции по карпите, керамика и сл. Слични траги има и на други места во поблиската и подалечната околина. Тука се двата камени објекти, винарниците на 200 m јужно, една антропоморфна стела и мермерните споменици во кругот на селските гробишта во Волково и низ селото, што укажува на тоа дека овој менхир во еден момент од историјата, поточно праисторијата, се наоѓал во простор во кој владеела исклучителна живост од човечко присуство, а во такви услови овој објект од камен имал особено значење за жителите на некоја од блиските населби.

КЕРАМИКА

Димензии:

Висина:             3,40 m

ширина:             2,40 m

Дебелина:                     1,00 m

 

Датирање:    3 500 – 1 200 г. п.н.е.