УНИШТЕНОТО СВЕТИЛИШТЕ НА ПЕРСИСКИОТ БОГ НА СОНЦЕТО МИТРА НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП
Најстарите пишувани извори за населувањето на просторот на Македонија водат потекло уште од антиката. Некои од нив се потврдени и со археолошките истражувања на повеќе места во делот кој го зафаќала таа во постарите периоди. Се знае дека најстарите жители на овој простор како и на делови од околните земји биле Бригите, Мизите, Тракијците и Дарданците1, a кои зафаќале територии кои биле во блиска комуникација и со тоа имале и блиски културно–јазични врски. Co јазикот на Бригите бил близок и јазикот на познатото племе споменувано уште во делата на Хомер, Пајонците за кои Хомер пее дека биле едни од учесниците во Тројанската војна на страната на Тројанците. Од друга страна, според Херодот, Пајонците често тврделе дека се потомци на Тевкро и народот кој, според него, се нарекувал Тевкри. Тевкро бил еден од родоначалниците на градот Троја, заедно со Ил и уште некои митолошки личности кои се појавуваат како основачи на Троја. Историски факт се и некои преселби споменувани и во митолигијата од Македонија во Мала Азија каде што се наоѓа Троја и обратно. Меѓу нив посебно е интересна приказната за македонскиот цар Мида кој е симбол за богат човек. Мида, од друга страна, е и личност која потекнува од Бригите2 што целата приказна ја прави повеќеслојна и покомплексна. Мида, меѓу другото, имал и прекрасни градини во Македонија на планината Бермион3 во која трендафилите растеле сами од себе и имале секој по шеесет цветни ливчиња, а со миризбата ги надминувале сите други трендафили.

Во тие градини, според митолошката приказна, Мида успеал да го фати и мудриот старец Силен кој му бил учител и на големиот бог на виното Дионис4. Приказната се споменува кај Херодот, но и кај многу други автори од антиката. Co градините на Мида е поврзано и местото во кое е формирана македонската држава на чело со Пердика, кој, откако бил прогонет од местото Лебаја во Горна Македонија дошол на просторот околу градот Воден и го формирал кралството Македонија, некаде во VII век пред н.е.5 Различните етнички движења на нашиот простор низ милениумите се споменуваат во многу пишани извори, а меѓу нив и кај Египтјаните, кои за време на фараонот Рамзес II (1317–1251 г. п.н.е.) кога се споменуваат напади врз Египет од народите на Троада. Интересни се во овој контекст и пишувањата на Херодот за освојувањата на египетските фараони во Мала Азија и на Балканот. Тоа се потврдува и со некои археолошки показатели. Кај Херодот се споменува и еден интересен експеримент изведен по нарачка на фараонот за да се утврди кој народ е најстар на светот. Co експериментот биле изолирани две деца од самото раѓање во сосема засебни услови при што првиот збор кој бил изговорен од едно од децата бил од бригиско потекло со што Египтјаните се убедиле дека Бригите се најстар народ на светот, но после нив се веднаш тие6. Ако потврда за мешањето на културите на поширокиот простор низ времињата се погребните маски пронајдени во кнежевските гробници во Требеништа кај Охрид, трагите од подоцнежните мешања се забележани и во околината на Прилеп. Тие се резултат на персиските освојувања на Балканот, подоцнежните освојувања на Македонците на Персија, како и уште подоцнежните римски завладувања. Персиските освојувања на Балканот се случиле уште во постарите периоди, а посебно во V век пр. н.е. со персиските цареви Дариј, Ксеркс и Артаксеркс кога Македонците ја признавале нивната власт7. Веќе во IV век се случуваат освојувањата на Македонците на чело со Александар Македонски, а во II век п.н.е. Македонската империја е совладана од Римската и доаѓа времето на Рим во светот кога, меѓу другото, со нивните војски на Балканот доаѓаат и персиски заробеници. Токму заради ваквите мешања не се чудни ни остатоците на персиската култура во Македонија чии траги се забележуваат и во околината на Прилеп, односно на Маркови Кули. На неговото подножје, според пишувањето на Г. Трајчев и некои археолози и истражувачи, постоело извесно светилиште на персискиот бог на сонцето Митра.8

. За жал, трагите од овој интересен споменик на древната култура и на древните религиски идеологии кои поминале низ овој простор преку духот на жителите кои го населувале, денес се сосема уништени.
Според податоците од разните пишувачи и истражувачи на овој простор, овој митраистички споменик е уништен засекогаш, веројатно во 1922 г. Имено, како што пишува Б. Сариа, српски истражувач кој во јуни 1923 година е испратен во истражувачка мисија во Македонија, споменикот бил уништен една година пред неговото доаѓање во овој простор9. Според пишувањето на Г. Трајчев во неговата книга „Град Прилеп“, самиот тој го видел овој споменик и го опишал целиот релјеф кој бил направен на специјално израмнетата површина во карпа во една пештера која, веројатно, била светилиште на Митра, можеби со специјална доградба. Еве како Трајчев го опишува овој споменик:
„Северозападно од Прилеп, токму под Марковите Кули се наоѓа една мала пештера образувана од грамадни блокови. На врвот од ѕидот, десно од влезот е измазнета полукружна плочеста форма висока 0,32 m, а широка 0,39 m. на која е издлабен релјеф на персискиот бог Митра Тавроктон (бикоубиец), вообичаен тип. Митра во типична облека и со фридиска (фригиска, з.м.) шапка го кутнал бикот и му го забива ножот во вратот. Кон раната скока куче и се извива змија. Под релјефот во израмнета плочеста форма се гледаат остатоци од грчки натпис. Овој паметник, се чини досега не е пронајден. Тој е интересен затоа што во Македонија таков споменик досега не е пронајден. Навистина, пештерата во која е пронајден паметникот служела како Митрово светилиште”.

На овој објект кој веќе е уништен, заедно со целата пештера, која очигледно била светилиште на богот на светлината од персиско потекло, Митра, се осврнува и српскиот археолог Б. Сариа кој во 1923 година е пратен од Народниот музеј во Белград во Македонија. Како што потврдуваат познавачите овој бог се заканувал да стане широко прифатена религија на овие простори во првите векови на новата ера. Сариа Балдуин посебно жали за уништениот натпис, кој стоел веднаш под релјефот на, исто така, израмнет дел на карпата.
Содржините кои ги крие овој култ кон богот Митра се богати и полни со приказни и преданија. Археолозите сметаат дека култот на Митра на нашиот простор и воопшто на просторот на Балканот дошол и се раширил во 2 и 3 век од нашата ера преку персиските заробеници и ослободеници во римско време кои работеле како царински службеници во западните римски провинции10. Денес асоцијацијата на него ни ја будат имињата Митра, Митре и сл. Култот многу се раширил во европскиот дел од светот. Во својата книга „Александар Македонски“ Улрих Вилкен вели:
„Подоцна дојде персискиот бог Митрас (бог) со своите мистерии, откако претрпи некои измени во Мала Азија, a co него и дуалистичката доктрина на Заратустра. Овој митраски (митрадиски) култ, особено преку римската војска се рашири се до Германија и Британија.“11

Богот Митра го споменуваат античките писатели кои пишуваат за персиската империја и војните во развиениот антички свет на Европа со силното царство Персија. Квинт Куртиј Руф во својата книга „Историјата на Александар Македонски“ на едно место вели: „Самиот Дареј заедно со војсководците и блиските ги обиколувал одредите што биле под оружје повикувајќи го богот на сонцето Митра и светиот вечен оган да ги вдахнат со храброст достојна за старата слава и спомен на нивните предци.“ 12

Дека богот на сонцето, Митра, извесно време владеел и со дел од духовниот простор во Македонија потврдуваат повеќето слични наоди на споменици во поново време на нашата територија. Археологот Звонко Белдедовски од Штип пишува за една икона на камена плоча, со претстава на Митра, пронајдена во остатоците на еден сакрален објект кај Свети Николе. Според неговите описи, како и оние од Георги Трајчев, двата споменика – прилепскиот и оној пронајден кај Свети Николе – имале слична содржина. За жал, сведоштвото за прилепскиот споменик кој, се чини, се одликува со својата изработка на карпа и крај пештера,13 која била светилиште на овој бог, ќе остане само во пишаните текстови на оние кои го виделе пред уништувањето или само се информирани за неговото постоење.

На тој начин и претставите кои се содржеле во релјефот на карпата ќе ги толкуваме со споредбата преку сличните споменици најдени на уште неколку места во Македонија. Имено, на релјефот се претставени и претходните богови на Митра како што е Сол и други придружни митолошки суштества поврзани со постарата персиска митологија и со карактеристиките на Митра кој обично се претставува како го убива бикот како жртва. Во секој случај присуството на овој бог на овие простори е уште една потврда за мешањето на културите низ времето, посебно на оние од Мала Азија со балканските. Тоа значи дека Митра можеби бил помалку или повеќе присутен на Балканот и во поранешните векови, односно, пред римските освојувања. Како развиен култ, пак, се појавил со подолгото останување на овој простор на неговите штитеници, Персијците, кои како заробеници морале да го повикуваат својот бог за избавување од тешкото заробеништво кое, меѓу другото, ги однело далеку од нивните домови.
