ИсторијаНепокорници

БИТКИТЕ НА ВОЈВОДАТА НИКОЛА ПЕШКОВ ОД ПРИЛЕП

Оваа, 2018 година, навршуваат 115 години од неговото загинување

(1881, Прилеп – 14 август 1903, с. Вепрчани, Прилепско)

Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп пред околу еден век
Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп пред околу еден век

Војводата Никола Пешков бил најмалиот од браќата Пешкови, познато семејство од Прилеп во деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век. Тешко е да се најдат какви било податоци за неговото детство. Имајќи предвид дека неговото семејство живеело во делот на градот околу црквата „Св. Благовештение“ и било едно од семејствата кое активно учествувало во општествениот, стопанскиот и културниот живот, Никола имал можност да се запознае со голем број, културни дејци, револуционери, учители, трговци и други истакнати прилепчани (кои живееле во истиот дел на градот) и да добие соодветна едукација и искуство.

Никола, рано се вклучил во организираната борба против поробувачите и станал еден од терористите на Македонската револуционерна организација, а во 1903 година бил поставен за војвода на чета. Тој, заедно со својот брат Ѓорѓи живеел во Битола. Таму дошло до заострување на односите меѓу социјалистите на чело со Никола Петров Русински и Дренски и Окружниот револуционерен комитет и дошло до решение од комитетот двајцата водачи на социјалистите да бидат ликвидирани. За нивното ликвидирање бил ангажиран терористот Никола Пешков.

Пешков се вовлекол во станот на Никола Петров Русински и со кама во рацете го чекал скриен зад вратата на собата. Русински го открил Пешков во собата, го извадил револверот и го натерал да ја фрли камата. Тогаш се фрлил и Веле Марков, го фатиле Пешков, го внесле во собата и потоа цела ноќ разговарале пријателски.

Центарот на Прилеп пред околу 1 век
Центарот на Прилеп пред околу 1 век

При овој разговор Пешков бил убеден дека социјалистите, кои се бореле за класно будење не се против националното ослободување на Македонија и овој настан, за среќа завршил без крвопролевање.1 Никола Пешков учествува во битката на Студеница“ кај селото Беловодица пред Илинденското востание во која загинале дури 17, главно млади прилепчани.

Кај Георги Трајчев во една табела на комитските битки е забележана уште една битка на овој војвода која се случила на 1-ви септември 1901 година, исто така, кај Беловодица и во која загинал еден турски војник. Во битката учествувале 6 комити на чело со Никола Пешков против 40 души турски аскер.2 За време на востанието Никола Пешков бил поставен за војвода во селата „околу градот“ (Прилеп).3

Имајќи ја предвид улогата на целото семејство Пешкови во револуционерните активности на Македонците од прилепскиот крај и скапите жртви кои тоа ги дало во револуционерната борба на македонскиот народ тоа заслужува многу поангажиран пристап и проучување за расветлување на нивните вкупни заслуги.

БИТКИТЕ НА ВОЈВОДАТА НИКОЛА ПЕШКОВ

Никола Петров Русински во своите спомени посветил значајно место на битката која се случила на 7-ми јули (стар стил) во месноста „Студеница“, кај селото Беловодица, во која загинале дури 17 млади прилепчани. Во оваа битка учествувал и војводата Никола Пешков со својата чета. На денот на оваа битка Русински се наоѓал од другата страна на планината на просторот меѓу селата Дуње и Крушевица и, слушајќи ги пукотниците на сртот на Селечка Планина во правецот на Плетвар, решил со своите четници да им притекне на помош на нападнатите чети на Петар Ацев и Никола Пешков. Во тоа време имало аскер и во селото Дуње кој, исто така, се упатил кон местото на битката. Русински им наредил на своите четници да се подготват за напад на аскерот кој ги нападнал четите на Петар Ацев и Никола Пешков кај Беловодица. Претходно кон неговата чета се приклучила и четата на Анте (Анде) Василев Дунски, која броела 12 четници.4 Оваа чета, исто така, била поканета да се приклуч и во нападот на аскерот. Голем дел од гарнизонот во Дуње, се упати во долга колона кон местото на борбата. Ние сакавме да го стасаме, и да удриме в грб, но стражарот соопшти дека од Прилеп доаѓала многу војска со 13 товарени коњи, која одела да ја смени онаа од Витолиште. Така, доколку тргневме на помош на бојното поле, ќе упадневме меѓу војската која доаѓаше од Прилеп и дуњенската. Затоа решивме да удриме на онаа која доаѓаше од Прилеп“ – истакнува Русински.5 Аскерот кој се движел по патот Витолиште–Прилеп имал претходница од десетина турски војници и уште стотина назад со натоварен добиток. Поради тоа Никола Петров Русински и неговите борци решиле да го нападнат овој аскер на Лисичка Река под селото Дуње. Таму имало извор со вода на кој војската морала да запре за да се напие вода. Затоа комитите, одејќи по долината (Русински ја нарекува Крива Долина), се обиделе први да стигнат до изворот и да му направат заседа на аскерот. Пртеходницата на војската брзо слегла во долината. Таа прва ги забележала група од четворица комити меѓу кои бил и Русински и се заврзала битка. Русински успеал со 17 четници, кои ги собрал, да формира фронт во должина 600 – 800 м. Во тоа време прекинале пукотниците на Селечка Планина, односно, тамошната битка со четите на Петре Ацев и Никола Пешков била завршена и војската од Дуње се вратила спроти десното крило на комитите со Русински.6 Така овие комити се нашле меѓу две војски и биле приморани да се бранат од две страни. На растојание од 200 м бевме само четворица четници и тоа со пушки ’Гра‘, наспроти ’маузерите‘ со 5–10 куршуми“ 7

– истакнува Русински за положбата во која се нашле. Сепак комитите добро се држеле и успеваат на аскерот да му нанесат значителни загуби. Биле убиени двајца трубачи, двајца офицери и дванаесет војници. На страната на комитите исто така имало загуби. На бојното поле останале тројца убиени, еден тешко ранет комита, пушката на војводата Никола Петров Русински била скршена од непријателските куршуми, а самиот тој лесно ранет. Двајцата убиени комити биле помошник војводата на Русински, Ванчо Наумов и еден комита Кочо. Битката траела до 9 часот вечерта. Еден овчар од Дуње истата вечер бил испратен со овците на местото на битката и успеал да го пронајде ранетиот комита. Неговата рана била многу лоша. Како што пишува Русински, стомакот му бил распорен, му се гледале цревата, а раната зафатила и црви. Самиот Русински, како помошник, а Илија Чкорев како главен хирург успеале да ја очистат и да ја сошијат раната со средства кои им биле на располагање. Следните седум дена ранетиот комита го чувале двајца комити во една пештера преврзувајќи му ја раната секој ден, а потоа дошле две учителки од Прилеп и го одвеле во градот. По пет седмици ранетиот комита повторно се вратил во четата.8

Селото Дуње со неговиот атар - поглед од запад
Селото Дуње со неговиот атар – поглед од запад

 ПОСЛЕДНАТА БИТКА НА ВОЈВОДАТА НИКОЛА ПЕШКОВ

 По битката на Студеница“ Беловодичко и битката на Лисичка Река кај селото Дуње, на просторот меѓу селата Дуње и Вепрчани се одиграла уште една голема битка меѓу турската војска и неколку македонски чети. Настанот е еден од помалку проучените. Оваа битка е една од многуте кои ги воделе македонските чети по Илинденското востание, повлекувајќи се пред далеку побројниот и надмоќен непријател, односно, турската војска која ги гонела четите по пропаѓањето на Крушевската Република.

Од просторот на последната битка на Никола Пешков
Од просторот на последната битка на Никола Пешков

Непосредно по избувнувањето на Илинденското востание на просторот на селата Дуње, Вепрчани, Крушевица, Беловодица, Дрен и други околни села се наоѓале повеќе чети со своите војводи, сместени во логори. Во беловодич киот атар се наоѓала четата на Петар Ацев, а како што истакнува Никола Петров Русински, тука, односно, во Дренска Планина, кај местото Говедарник“ дошол и Ѓорче Петров со голема чета, а него го придружувале војводите Лука Иванов, кој одел со четата за Воденско, и Андон Ќосето, кој одел за Крушевско.9 Лука Иванов заминал со својата чета од 25–30 четници, а Андон ќосето и покрај негодувањето останал со Ѓорче Петров. Во четата на Русински која се наоѓала во близина на селото Дуње биле и војводите Стојо Христов и Дедо Кољо со околу 35 четници.10 Според пишувањето на Русински, турската војска настапувала од разни страни и ги запоседнувала превоите и изворите. Поради тоа, кога сите биле собрани во главниот логор, тој им наредил на војводите Тодор Златков и Петре Железарот да појдат со своите чети во атарот на селата Кокре или Крушевица и таму да се сместат зад грбот на непријателот за случај на напад тие да удрат в грб на турската војска. На истото место во своите спомени Русински тврди дека подоцна Златков и Железарот одделувајќи се од нив на околу 1000 чекори, во близина на селото Полчиште легнале да преспијат, но така заспани ги осамнало.11

Селото Вепрчани - поглед од запад
Селото Вепрчани – поглед од запад

Четите кои биле распоредени во реонот на погореспоменатите села биле во постојан контакт и се договарале во случај на битка да си помагаат едни на други. Така, кога турската војска која била сместена во селото Дуње тргнала кон една височинка наспроти логорот во кој биле сместени четите на Русински и останатите војводи кои биле со него, Русински му испратил писмо на Петар Ацев и Ѓорче Петров да бидат подготвени и добил потврден одговор. Во тоа време веќе пукнала по некоја пушка од двете страни. По долината меѓу селата Дуње и Вепрчани се движеле четите на Никола Пешков од Прилеп, Тодор Златков и Петре Железарот од Битола (Железарот има потекло од Прилеп) со вкупно 70 четници и брзале да ја фатат височинката над нив. Никола Пешков отворил оган на војската која доаѓала откај селото Дуње и се разгорела битка меѓу двете страни. Другите две чети кои биле со него, а во кои биле мнозинството од четниците се искачиле на височинката без да остават заштита на нивното крило во подножјето. Русински во своите спомени тврди дека тој испратил едно одделение за таа намена, односно за заштита на крилото на четите на погореспоменатите војводи. Како помош на дунскиот гарнизон откај селото Плетвар пристигнал цел полк турска војска кој поминал крај местата во кои биле сместени четите во Беловодичко. Според Русински, војводите на овие чети, Андон Ќосето и Никола Мрмев настојувале да го нападнат овој полк од зад грб, но на тоа се спротиставил Петар Ацев. Се скарале и Андон ќосето со својата чета си заминал за Тиквешко или Гевгелиско.12

Никола Петров - Русински
Никола Петров – Русински
Петар Ацев
Петар Ацев

Турската војска која доаѓала откај Плетвар се судрила со борците кои биле со Русински и се обидувала да си пробие пат, но не успеала во тоа и во борбата имала многу жртви. При овој судир на страната на комитите имало четири жртви и тоа двајца комити од четата на Стојо Христов прободени со нож и уште двајца од леринската чета.13 Многу поголеми загуби имало во четите на Никола Пешков, Тодор Златков и Петре Железарот. Според Русински од овие чети животот го загубиле дури 18 четници,14 а меѓу нив бил и војводата Никола Пешков кој имал само 22 години. Според други извори во битката меѓу селата Дуње и Вепрчани, која се случила на 14 август, стар стил, 1903 година загинале 11 комити меѓу кои и војводата Никола Пешков, Гр. Ракиџиев и др.15

За битката меѓу селата Дуње и Вепрчани во Мариово можат да се сретнат повеќе куси споменувања запишани од истражувачите, но тие најчесто не се совпаѓаат во своите искажувања. Кај Георги Трајчев наместо 18 загинати во четите на Пешков, Златков и Железарот се споменуваат 11, а кај овој автор се споменува дека во битката учествувал и Анте Дунски со неговата чета.16 Интересно е дека Русински оваа битка ја карактеризира како голем успех на македонските чети. Војската претрпе голем пораз, а поразот ќе беше уште поголем ако и четата на Ацев учествуваше во битката“ 17 – пишува тој. По битката и извлекувањето на преживеаните и здравите четници, комитските чети ги одминале турските војски кои настапувале откај селото Дрен, Прекурид и местото Сама Бука“ и слегле крај Црна Река, кај водениците на селото Чаниште, кои биле напуштени. Меѓу комитите имало и такви кои гладувале и по 4–5 дена, па едно одделение ги разбило вратите на водениците и од брашното кое го присобрале околу воденичките камења и од дното на некој сандак, заедно со глувчовините во него, набрзина замесиле некаков леб. Врз еден кожуф замесија три питички и запалија огнови да ги печат, но стражарите соопштија дека непријателските војски се развиваат во верига и настапуваат брзо накај нас“ – пишува Русински.18