СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП – ТРГОВСКИ ЦЕНТАР СО ПАЗАР КАЈ ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО ВАРОШ

Како град со голем број градски содржини и центар на државни активнос­ти Прилеп веројатно долго време бил значајна населба во Македонија. Иако не е познато многу за периодите на антиката, не е исклучено неговото значење и во овој период од кој има остатоци на голем број содржини поврзани со неговото живеење. За содржините што ги поседувал во подоцнежните векови почнувајќи од втората половина на 9 век имаме многу поголем број податоци, како од археолошките истражувања, така и од историските извори.

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош со поширокиот простор пред околу 1 век
Црквата „Св. Димитрија“ во Варош со поширокиот простор пред околу 1 век

Фактот дека во градот имало имоти на аристократски семејства, се до царски дворци и епископски седишта самиот за себе доволно говори. Таквото присуство укажува на постоењето и на други содржини кои на разни начини ќе им бидат на услуга на таквите великодостојници во градот и на поширокото население.

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош со гробишта пред околу 1 век
Црквата „Св. Димитрија“ во Варош со гробишта пред околу 1 век

Можеби меѓу најважните содржини, кои се карактеристични за големите градови, се токму оние што го покриваат делот од економијата врзан со снабдувањето и пласманот на производите. Се разбира, постоењето на соодветно организиран пазар во овој контекст е посебно значен дел. Што се однесува до древниот Прилеп, се чини дека тој имал свој пазар со долга и богата традиција од подалечните времиња. Дека тој постоел во древниот Прилеп има историски и археолошки потврди. Според сознанијата, тој се наоѓал на просторот околу црквата „Св. Димитрија“ во Варош. Од историските документи посебно значајни се трите повелби на цар Душан1 во кои меѓу другото има делови кои се однесуваат и на пазарот во Прилеп од кој се собирал голем приход, што од своја страна значи дека тој бил посебно снабден со стоки, а во него доаѓале трговци од повеќе страни.

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 2
Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 2

Постар документ кој може да биде потврда за постар датум на прилепскиот пазар со меѓународна трговска активност е една позната повелба од византискиот император Алексиј III Ангел од 1198 или 1199 г. издадена на венецијанските трговци во која, меѓу другото, се нагласува и постоењето посебна провинција со центар во Прилеп.2 Овој документ потврдува дека древниот Прилеп бил развиена населба и во 12 век со богат пазар на кој тргувале и познати трговци дури од Венеција. Во повелбата се нагласува дека дел од посебната провинција со центар во Прилеп е и градот Пелагонија (Битола), а во неа влегувале и Молоско и Меглен.

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 3
Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 3

Се знае дека Прилеп бил значаен трговски центар и во времето на царот Асен II (1230 – 1241) од кога постои договр на Прилеп за трговска соработка со Дубровник.3

Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 4
Црквата „Св. Димитрија“ во Варош денес 4

Интересен е и податокот кој се споменува во Душановите документи за еден голем благородник од тоа време (XIV век) со име Мисинополит кој почесто е споменуван во историските документи. Тој, веројатно, бил еден од побогатите граѓани на Прилеп во тоа време со поголем имот и објекти кои биле во негова сопственост. Можеби токму тој бил сопственик на големиот дворец што се наоѓа од источната страна на Маркови Кули, веднаш над Варош чии остатоци можат да се видат и денес. Тој, според археолозите, потекнува токму од тој период. Во него како што веќе имаме споменато се наоѓа и остаток од базиликална црква која веројатно му припаѓала на богатото семејство. Во документие од Стефан Душан се споменува и фактот дека децата на Мисинополит му подариле на манастирот метох – имот со ниви и лозја.

Дел од средновековен имот над Варош со остаток од градба
Дел од средновековен имот над Варош со остаток од градба

Според турските документи, познати како турски пописни дефтери, Прилеп продолжил да биде значаен гард и по турското освојување. Како престолнина на Кралот Марко, кој имал вазалски договор со Турската империја, Прилеп уште педесетина години продолжил да биде своевиден центар во областа и со извесна привилегирана положба, за слободна трговија и слични стопански активности тој натаму се развивал. Така, во 1440 година, како главен приход од Прилеп поврзан со даноците, се наведуваат даноците од пазарите.4

Дел од средновековен имот над Варош со остаток од црква 2
Дел од средновековен имот над Варош со остаток од црква 2
Дел од средновековен имот над Варош со остаток од црква
Дел од средновековен имот над Варош со остаток од црква