ТВРДИНАТА „МАРКОВ ЅИД“ ИЛИ ТВРДИНА НА „КАМЕНИТЕ СТОГОВИ“ КАЈ СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО

На околу 1 km североисточно од селото Прилепец, на средна височина на планината, на голема и нерамна тераса, се наоѓаат бројни археолошки остатоци од древно постоење. Овој локалитет е познат под името „Марков Ѕид“, а името, веројатно, го добил според оста­­тоците на голем ѕид кој заградувал значајна површина поголема од 7 ha. Делови од овој ѕид кој бил широк околу 1,30 m и денес можат да се видат на овој локалитет веднаш под карпите кои се извишуваат на овој дел од планината. Тврдината, всушност, била расположена под една од кар­­пите, кои поради својата форма, се познати како „Стоговите“, а која со својата големина доминира над останатите големи карпи кои се распо­ло­жени на различни растојанија од двете нејзини страни. Просторот на кој била расположена тврдината се наоѓа на 960 m н.м. и има голема пре­гле­д­ност над просторот во долината.

„Марков Ѕид“ со „стоговите“ 2
„Марков Ѕид“ со „стоговите“ 2

Тврдината егзистирала уште во т.н. хеленистички период од кој на овој локали­тет се пронајдени ретки наоди. Овде мораме да истакнеме дека наодите не се резултат на археолошко истражување, туку на реко­гно­сцирање или случајни наоѓања. Од овој локалитет е регистрирана и една монета на кралот Касандар (316–297) кој му бил зет за ќерка на Филип II, а за сестра на Александар III Македонски, и во 312 година пред н.е. го подигнал градот Солун, односно го обновил стариот град Терма и во чест на сво­јата жена Тесалонике го нарекол со нејзиното име. Освен тоа на локалитетот „Марков Ѕид“ се наоѓа и керамика од истиот период. Овие наоди покажуваат дека тврдината на „Стоговите“ над селото Приле­пец, била активно користена за време на владе­е­њето на античките маке­дон­ски кралеви и постоењето на античкиот град во долината меѓу селата Прилепец и Волково. Археологот Иван Микулчиќ оваа тврдина ја карак­теризира како „чувар“ на „истовремената големата населба со градски карактер” од локалитетот „Долишта“.1

Марков ѕид - дел од амбиентот 2
Марков ѕид – дел од амбиентот 2

Денес на локалитетот „Марков Ѕид“ се среќаваат остатоци од оград­ни­от ѕид кој се спојувал со високите карпи, како и грамади камења од град­бите во внат­реш­носта на тврдината. Освен остатоците од древните ѕидишта на просторот кој се нао­ѓал во внатрешноста на тврдината, како и околу неа се наоѓаат поголем број гробови длабени во карпа. Ако внимателно се проследи просторот под големиот „стог“ можат да се сретнат неколку помали некрополи од гробови длабени во карпа, на разни страни на локалитетот, особено од неговата југозападна страна. На тој начин среќаваме ситуација на испрплетување на животот и смртта на ист простор. Значи, на местото каде опстојувале живите, почивале и мртвите. Тврдината, веројатно, е користена од населбата, главно, во немирните воени времиња кога на населението му требало заштита, односно морало да се брани од честите напади на непријателите. Македонија, а во тој склоп и Пелагонија е често напаѓана од северните племиња, посебно Дарданците кои знаеле на своите походи да влезат длабоко во македонската тери­то­рија правејќи големи ограбувања и насилство. Тие се посебно заси­лени за време на македонскиот крал Филип V кога голем број од твр­ди­ните во Пе­ла­гонија се обновени поради нејзината позиција на гра­нич­на област.

Марков ѕид - дел од амбиентот
Марков ѕид – дел од амбиентот

Тврдината на „Камените Стогови“ опстојувала и во подоцнежните пе­ри­­­оди. Траги од нејзиното користење се среќаваат и во средниот век, ко­га таа била обно­вена и проширена. Веројатно, населението од блиските на­сел­­би за време на немирните настани наоѓале заштита во неа. Ова, по­себ­но, се однесува на периодот на освоју­ва­њата на Балканот од Турците – Ос­ман­лии.

1 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza od egejske seobe do Avgusta, Arheološko društvo Jugoslavije–Arheološki muzej–Skopje, Skopje 1966, 66.