ОД НЕОБЈАВЕНАТА ЗБИРКА „КУЧЕШКО ВРЕМЕ“ – втор дел: „Кучешко време“

ИСКОНСКО СЕМЕ

Моето племе е мало,

слабо и разединето,

по земјината топка заскитано

и, особено важно,

волјата …,

Ах, волјата за опстанок …,

Господе! Господеее!

Нема да го изговорам тој збор,

тој клет збор,

зашто твое е царството небесно

и волјата е твоја.

Моето племе има многу крвници

гибел кои му готват,

го грабаат, прогонуваат,

го негираат и омаловажуваат,

безброј стапици му поставуваат,

го убиваат,

Ах, проклето!

Проклето кучешко време!

Гибел му готват

моќните на векот

на моето племе.

Братот не е брат,

ни сестрата е сестра,

на мајка и на татко,

гневни рожби,

гледаат со презир.

Копнежот по татковината

избледен во поколенијата,

во туѓа почва се мачат

корен да закоренат,

на туѓо племе да се додворат.

Господе!

Тешко ли искушение,

надешта во мене тлее,

често во пламен ме фрла,

зашто моето племе

во себе носи

исконско семе,

семето на раѓањето

со длабоко врежан код,

кодот на опстанокот.