СЛОБОДНА МИСЛА
(Од необјавената збирка „КУЧЕШКО ВРЕМЕ“ – трет дел: „СЛОБОДАТА “)
Зрак тенок и чист од недопрен свет
ме пронижа стрелно во рано детство.
Го уби во мене мракот
засекогаш.
Не можам да останам тајна
и да сакам,
немам каде да се скријам
од погледи злобни да одморам.
Овој свет се престори во луња
чувствата ни се исцрпени до дно,
осквернавени.
Мислите недоветни, со црнило полни,
вирусни – инфицирани.
Ме убедуваат блиски лицемери
да се стопам во овој свет,
во безличието на масата
која тече по долини како матна вода
се влече по планини како сива магла
исплашена од ветар и од дожд,
а особено од сонце.
Исплашена од студено и од жешко,
од земјотреси и вулкани,
поплави, урагани и цунами,
од сообраќајни и авионски несреќи
бермудски триаголници,
од катаклизми, Апокалипси и Армагедони,
а најмногу од слободна мисла, кревка птица во небесна синевина.