КУЛТНА КАРПА СО ФРЕСКОЖИВОПИС И КАРПА СО СТРЕЛКА И КРСТ НА ПАТОТ ЗА МАНАСТИРОТ „ТРЕСКАВЕЦ“ КАЈ РИДОТ ТЕТЕБУЛЕ, ЗАГРАД, ПРИЛЕПСКО

Еден од големиот број културни експонати од поблиската и подалечната околина на Светата планина, Златоврв претставува и една мистична карпа со живопис. Таа се наоѓа на патот кон манастирот Трескавец, од јужната страна на ридот Тетебуле, високо издигната на десната страна на патот, кој е правен со подѕидување со големи камени блокови. Карпата има неправилна пирамидална форма и вертикален профил од југоисточната страна, со две ниши и еден природно издлабен дел на средината на една специфично оформена рамна површина на профилот. Во левата ниша бил изработен фрескоживопис, кој денес е многу оштетен. Има индиции дека на него била претставена св. Богородица со Исус. Од зачуваните фрагменти, делот од левата страна на изработениот лик со рамото и подрамото, како и од фрагменти на други места во природната ниша и бордурата, може да се констатира дека фрескоживописот бил со нагласена естетика, односно, бил изработен од познавач и вешт мајстор на ликовната унетност. Естетиката и живиот колорит, кои се забележуваат од остатоците на живописот упатуваат на постар датум на ова христијанско ликовно дело.

Карпата со живописот, од југоисток
Карпата со живописот, од југоисток

            Карпата има впечатлива форма, со нагласено остар врв, кој завршува со неколку остри делови, и впечатлив релјеф. Доминира во тој дел од просторот и се забележува од значително растојание. Веројатно е дека со изработката на фрескоживописот постоела намера да се обележи самиот пат и да му се даде свет карактер, како на самиот пат, така и на целата планина со култниот простор на нејзиниот врв. Всушност, ваквите објекти се своевидни „граничници“ на светиот простор со кој „владее“ култниот врв Златоврв, односно, тие ги обележуваат границите на светиот простор на Светата планина.

Главната ниша со остатоци од живопис
Главната ниша со остатоци од живопис

            На околу 50 м во правец на манастирот повторно се среќава карпа со култен белег, убаво изработен крст со темносина боја и стрелка која покажува во правец на крстот и манастирот. Оваа карпа има нагласена форма на природен менхир, висока неколку метри, со голема плитка ниша од источната страна во која биле направени со боја двата елементи – стрелката и крстот. Сметаме дека ова обележување е од поново време, за разлика од карпата со живопис чие датирање е постаро, иако е тешко да се определи времето во кое бил создаден живописот. Сосема е природно да се претпостави дека таа е поврзана со патот, кој води кон манастирот „Трескавец“, кој е еден од подобрите приоди кон врвот, со голем број подѕидоци, често со големи камени блокови или мајсторки изѕидани ѕидови, кои го крепат теренот и го прават полесно движењето по него. Следејќи го овој пат, се добива впечаток дека бил еден од почесто користените патишта до манастирот поради што на многу места се среќаваат разновидни обележувања, со крстови, стрели и слични симболи, а на еден дел на планината била изградена и убава чешма за освежување и одмор на патниците.            

Живописот на карпата по опожарувањето
Живописот на карпата по опожарувањето

Просторот околу ридот Тетебуле е преполн со разновидни култну обележја, карпи со култна симболика од различни периоди, како и голем број објекти за толчење грозје, со дводелни или троделни корита за гмечење, цедење и преработка на гроздовиот сок. Исто, така, на многу места се среќаваат и археолошки остатоци – фрагменти од керамички садови, питоси и тегули, како и друг вид археолошки материјал, кој упатува на своевиден културен престој во овој дел од околината на Прилеп.

КАРПАТА СО ЖИВОПИСОТ – ИЗГЛЕД И ФРАГМЕНТИ

ВТОРАТА КАРПА