ИСТОРИСКАТА ОСНОВА НА ПРЕДАНИЕТО ЗА ЦАРИЦА МАРА ИЛИ МАРА СУЛТАНИЈА И ОБЛАСТА МАРИОВО
Едно старо предание и денес е живо на просторот на Мариово, а посебно во Витолиште. Тоа се однесува на древна царица која за свое седиште го одбрала токму Витолиште, односно старата населба која се наоѓала на просторот на „Царацина Нива“, „Св.Петка“, „Заградишка Чука“ и „Пеливор“. Таа е позната како Мара Султанија, Кала Мара, Тамар Мара и сл.1 Нејзиното име е познато на поширокиот простор на Македонија и тоа во сите делови на нејзината етничка територија. Интересен е фактот што некои сегменти од преданието имаат и извесни историски потврдувања. Преданието се однесува на извесна Мара која била христијанка и му станала жена на султанот. Кога тој умрел во Едрене, царицата зела со себе придружба од 500 војници и тргнала кон Прилеп за манастирот Трескавец, кој се наоѓа на околу 8 км северно од градот. Таа имала намера да се причести во овој манастир и да се врати на својата мајчинска вера, христијанството. Таму владиката кој бил старешина во манастирот не ѝ дозволил причесна и заради тоа таа им наредила на своите војници од придружбата да ги исколат сите калуѓери во манастирот кои биле, според едни 300, според други дури 700 на број и тие тоа го направиле, а манастирот сосема го запустиле. Потоа царицата со својата свита се упатила во Мариово, во манастирот Чебрен каде се причестила и сесрдно го помогнала манастирот, односно го доизградила. Потоа за свое седиште го избрала селото Витолиште, односно населбата која во тоа време егзсистирала во негова близина.
На ова предание се надоврзува преданието кое е живо во Витолиште за наводната царица која имала седиште во населбата која била расположена на локалитетот „Церацина (Царичина) Нива“ и околниот простор каде и денес има остатоци од населување, погребување и сл. На терминот „царица“ упатуваат и други места во близина на просторот, каде наводно, имале свое седиште царицата, како што е, на пример, месноста Церовец (Царевец) која се наоѓа на околу 500–100 метри источно од „Церацина (Царичина) Нива“. И овде преданието се поврзува со наводната царица со име Мара, а понатаму се надополнува дека и Мариово го добило името според нејзиното име, но за тоа веќе пишувавме на почетокот на оваа книга. Според раскажувањата на еден поранешен жител на селото Витолиште, во ова село и денес месноста „Змијов Трн“ во близина на „Царацина Нива“ се смета како место каде се наоѓал гробот на Царица Марија. Гробот бил од мермер, а мермерите од него ги донесле во црквата „Св.Атанасие“ во селото. Интересно е дека бугарските археолози од времето на Првата светска војна на ова место откопале гроб во кој имало само еден скелет.2
Според преданието Царицата Мара владеела самостојно со селски кметови кои биле избирани од жителите. Во Витолиште имало главен кмет кој имал највисока власт и се нарекувал „Земски кмет“, а под своја власт имал и земски сејмени. Мара во Витолиште изградила палати и дворци од кои и денес се гледаат остатоци, а според преданието ѝ се припишува дека токму таа го изградила Чебренскиот манастир во близина на селото Зовиќ (Бзоик). По нејзината смрт Турците ги разрушиле дворците и Чебренскиот манастир за да ги избришат трагите на самостојноста на Мариово.3
Која навистина била царицата чие име се среќава речиси на целата етничка територија на Македонија? Кога ќе се прегледаат историските податоци од XV век може да се констатира историското постоење на царицата Мара, која се среќава и во преданието. Иако, според помал број од пишувачите кои го запишале преданието, Мара му била сестра на бугарскиот цар Шишман, поверојатна е историската приказна за Мара која била ќерка на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ и неговата сопруга Ирина, која била византиска принцеза од династијата на Комнените.4 Мара по турското освојување на дел од Балканот и наближувањето кон српските деспотии му била дадена на султанот Мурат II (1421–1451) за жена од дипломатски причини, односно за задржување на турското напредување и освојување на деспотијата на Ѓураѓ Бранковиќ. Според извесни историски пишувања, се работи за голема блискост на ќерката на Ѓураѓ Бранковиќ и царицата Ирина со султанот. Таа со него имала посебен однос и била длабоко почитувана, а за сметка на тоа користела голем број привилегии кои, главно, ги исполнувала во Македонија.
Историските податоци со кои се сретнавме кај неколку автори, упатуваат на историчноста на ликот од преданието, Царицата Мара, Кала Мара или Тамар Мара. Имено, принцези и царици со вакво име имало повеќе кај српските цареви и деспоти во различни времиња. Царицата Мара за која се раскажува во преданието одговара на Мара, ќерката на деспотот Ѓураѓ Бранковиќ и неговата жена Ирина.5 Мара се родила 1417 година, а за турскиот султан Мурат II се омажила на 4 септември 1435 година во градот Едрене. Умрела на 70 годишна возраст на својот имот во селото Ежова или Дафне, кое се наоѓа на реката Струма во Егејска Македонија, каде имала и своја кула. На неа пред неколку децении работел грчкиот археолог Николаос Муцополос.6 Кулата и денес може да се види, иако нејзини делови се сосема уништени. Според споменатиот археолог, до 1952 година стоел и гробот на Царицата Мара, а на негово место денес имало парк. Местото на гробот било обележано со мала икона. Дека споменатата кула и гробот се на Царицата Мара преку предание се раскажувало меѓу тамошните жители.
Дека српски принцези биле давани за турски султани е непобитен факт. Меѓу другото, српска принцеза имал за жена султанот Бајазит, кому од материјални и дипломатски причини му била дадена за жена најмалата ќерка на кнезот Лазар и кнегињата Евгенија.7 Мара за која станува збор во преданието, живее во уште потешко време поради турското навлегување на Балканот и токму затоа била дадена за жена на султанот Мурат II во градот Едрене, со кој е поврзано и преданието. Ова се случило по смртта на кнезот Стефан Лазаревиќ во 1427 година, кога српски деспот станал неговиот внук Ѓураѓ Вуковиќ Бранковиќ, меѓу кои спаѓаат и ктиторствата на сите манастири на поранешните српски владатели. Токму на овој деспот Мара била ќерка од неговата втора жена, византиската принцеза Ирина Кантакузина.8 Од историјата се знае дека турскиот султан Мурат II владеел до 1451 година, кога умрел, што би значело дека оваа година Мара се вратила од Едрене и дошла во манастирот Трескавец кај Прилеп да се причести и да се врати кон својата матична вера кога и се случил „ужасниот“ настан, според преданието. Веројатно се вратила и на дворот на својот татко Ѓурѓе Бранковиќ, каде престојувала додека бил жив. По неговата смрт во 1456 година и по смрта на неговата жена Ирина 1457 година, нивниот најстар син Гргур, кој бил слеп, и ќерката Мара Султанија, бегајќи пред нивниот најмлад брат деспотот Лазар, се скриле во Едрене, каде од султанот биле многу добро примени. Притоа Мара го добила на владеење имотот во селото Ежово во близина на Серез и Струмското Езеро, а нејзиниот брат Гргур набрзо потоа се замонашил и живеел на некои од метосите на Хиландар покрај реката Струма. По смртта во 1959 година, бил пренесен во ктиторскиот манастир Хиландар. Во Македонија подоцна дошла на покана од Мара Султанија и нејзината сестра Кантакузина (која името веројатно го добила според потеклото на нејзината мајка Ирена Кантакузина), кога по смрта на нејзниот маж грофот Улрих II Цељски ги загубила имотите и западнала во тешка материјална состојба. Тоа се случило во 1469 година. И Кантакузина, како и Мара била заштитничка на светогорските манастири, посебно на Хиландар и Св. Павле, чии ктитори биле Бранковиќите. Додека Мара Султанија или Царицата Мара умрела на 14 септември 1487 година, нејзината сестра Катакузина живеела уште неколку години, потоа се засолнила во манастирскиот имот на хиландарскиот манастир „Св. Стефан“ во областа Лакавица меѓу Штип и Струмица. Царицата Мара била погребана во мастирот „Св. Богородица“ во Драма, според трудот на Радивоје Груиќ објавен во Гласникот на Српското научно друштво во Скопје 1931 година,9 а според преданието како што беше веќе истакнато, нејзиниот гроб бил во селото Ежовa или Дафне на реката Струма.
Овде е интересно тврдењето дека иако двете сестри Мара и Катакузина живееле во манастирски имоти, не се откажале од световниот живот и цело време се појавувале со своите световни имиња.10 Овој факт коиндицира со еден сегмент од преданието за Царицата Мара поврзан со манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец кај Прилеп и нејзиниот обид да се причести. Се чини дека Мара Султанија се обидувала на некој начин да ги заштитува светогорските манастири и нивните имоти и да ги користи привелигиите на нивен ктитор, но да не паѓа в очи со своите радикални постапки во однос на христијанската вера, со цел да ја има милоста на султанот за таа цел. Дали во тој контекст имало и нешто кое не им се допаѓало на старешините на црквата во тоа време и таа не била со воодушевување примана на сите манастири? Имено, како што е познато од преданието за Трескавец, таа во овој манастир не била примена. А можни се врски на овој манастир и со Хиландар, како и полагањето на правото на ктиторството од страна на Царица Мара.
Едно предание пренесено во споменатиот Гласник на Скопското научно друштво, пренесува сосема поинаква постапка на Царицата Мара при непримањето во ктиторскиот манастир „Св.Павле“ поради канонските ограничувања. Легендата за нејзиното внимание кон манастирот и денеска била жива во овој манастир. Според преданието, Мара по падот на Цариград (1453), во ризниците на византиските цареви нашла големи количества злато, ливанто и смирна, принесени на Христос како дар од источните мудреци. Притоа таа сакала ова богатство лично да му го однесе на манастирот Св.Павле. Кога допловила до ѕидините на Света Гора на полуостровот Атос, од небото и било јавено да не го нарушува строгиот атонски устав, според кој на жените им е забрането да влегуваат во светогорските манастири. Таа застанала и ги пречекала монасите од манастирот кои дошле кај неа и го примиле богатството кое и денес се чува како најголема светост во неговите ризници. На местото каде што застанала бил поставен крст кој бил нарачен „царичин“, а во деветнаесеттиот век на тоа место била подигната и капела во која е насликан настанот со предавањето на даровите на монасите од страна на Мара Султанија.11
Српските владетели и членовите на нивните семејства наоѓале вистинска заштита во манастирите на Атос за својот имот и своите животи по турското навлегување на Балканот и тие богато наградувале некои од нив. Токму на тоа се должи и податокот што денеска постои, а кој води потекло од грчкиот манастир Атос, Исфигмен или Свимен кој, исто така бил под ктиторство на Ѓураѓ Бранковиќ, на што се должи една пронајдена повелба со минијатура на деспотот и неговото семејство. На оваа минијатура, покрај Ѓураѓ се насликани и неговата сопруга Ирина, неговиот син Гргур, како и ќерките Мара и Кантакузина.12 На тој начин, царицата од преданието кое овде го имаме за главен предмет ја имаме и насликана во исправена положба и со благородничка облека.
Сите погоре изнесени податоци упатуваат на сопственичките и ктиторските права кои во Македонија ги имала и споменатата царица Мара позната и како Мара Султанија заради нејзините врски со султанот. По смртта на своите родители таа бега пред братот Лазар во Едрене каде од султанот е многу убаво примена и притоа го добива во владеење и имотот во Ежова,13 за кој говори археологот Николаос Муцопулос и на кој таа поседувала сопствена кула. Во територијата која ѝ била доделена од султанот, веројатно спаѓало и Мариово, а не е исклучено во оваа област таа да имала и свое седиште, слично на она кое го имала во Ежова во Егејска Македонија и токму затоа овде е живо преданието за неа. Од друга страна, имајќи го предвид фактот дека таа одржувала тесни врски со манастирите, посебно оние од Света Гора, можно е во таква врска да било и нејзиното причестување во манастирот „Св. Димитрија“ во Чебрен, кај селото Зовиќ во Мариово за кого во преданието се вели дека го изградила. Вкупните податоци од историските извори нè наведуваат да заклучиме дека голем дел од изнесените моменти во преданието имаат и своја историска заднина, а дека главната личност, Мара Султанија е историска личност. Во тој контекст, треба да се додаде и посебниот статус на Мариово во турското ропство, како посебен хас на луѓе блиски до султанот меѓу кои, секако, спаѓа и султанијата. Така покојниот историчар Љубен Лапе, во својот труд „Неколку податоци за Мариовско–прилепската буна од втората половина на 16 век“, објавен во списанието „Стремеж“ бр.5–6 во 1954 година, меѓу другото пишува: – Нахијата Мариово, врз основа на уште необјавени документи од еден дефтер од 1519 година, како хас носела приход од 79.087 аспри. Во 1565 год. Мариово било хас на најголемиот везир Мустафа Паша. Понатаму, во тој труд, следи коментар за посебните привилегии кои ги имало Мариово, со извесна автономија, која не е потврдена со сигурни писмени извори, но ја нагласуваат повеќе автори, повикувајќи се на живо предание кое говори за постоењето на посебна управа во оваа област. Според него, во Мариово во турско време управувале селски кметови кои му биле потчинети на земски кмет со седиште прво во Витолиште, а подоцна во селото Полчиште. Земскиот кмет го собирал данокот наместо Турците и го носел на турскиот војвода во Прилеп. Ваквата автономија била прекината во 1870 година, кога од Турците, кои биле љубоморни на привилегиите кои ги имала оваа област, е убиен последниот земски кмет, Трајко Христов Чакрев. Едно поново откритие во селото Полчиште, Прилепско, не доближува до историската подлога на преданието за владеењето на Мариово со земски кмет и до историската вистина за последниот таков старешина, Трајко Чакрев. Се работи за надгробен споменик од мермер кај црквата „Св. Спас“ во селото Полчиште, на кој се споменува извесен Степан Стојков, кој во 1873 година бил убиен во Прилеп.14
1 Георги Трајчев, Мариово, 9.
2 Исто, 22. Трајчев вели дека се работи за гроб од римско време.
3 Исто, 10.
4 П. Поповиќ и С. Смирнов, Минијатура породице деспота Ѓурѓа на повељи Светогорском манастиру Есфигмену из 1429. 99, Радивоје М. Грујиќ, Светогорски азили за српске владаоце и властелу после Косовске битке, 91, ГЛАСНИК Скопског научног друштва, књига XI – друштвених наука 5, Скопље, 1931 година.
5 Исто.
6 Николас Муцопулос, Кулата на царица Мара, Зборник посветен на Бошко Бабиќ, ИСК–Прилеп, Прилеп 1986 г.
7 Радивоје М. Грујиќ, Светогорски азили, ГЛАСНИК Скопског научног друштва, 75.
8 Исто, 82.
9 Исто.
10 Исто, 83.
11 Исто, 89.
12 П. Поповиќ и С. Смирнов, Минијатура породице деспота Ѓурѓа на повељи светогорском манастиру Есфигмену из 1429, 97–110.
13 Радивоје М. Грујиќ, Светогорски азили, 82.