НАСЕЛБА ОД ВРЕМЕТО НА ФИЛИП II И АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ НА ВРВОТ НА ПЛАНИНАТА НАД КРУШЕВИЦА
(Извадок од книгата „Древна цивилизација II – Мариово“ издадена 2002 година – стр. 140 – 143)
Рецензенти: д-р Виктор Лилчиќ и археолог Александар Миткоски)
Од археолошките локалитети, со својата доминантна положба на највисоката точка во пошироката околина се истакнува локалитетот „Ќаве“, кој се наоѓа на самиот врв Висока од западната страна на селото Крушевица. На височина од 1472 м, се наоѓаат голем број грамади камења и остатоци од ѕидови кои укажуваат на стара населба, која од археолозите е датирана во т.н. хеленистичко време 156 , кое започнува со силниот развој и ширењето на македонската држава за време на владеењето на кралот Филип II Македонски (359-336 г.п.н.е.), а особено за време на владеењето на неговиот син Александар III Македонски (336-323 г.п.н.е.). Интересно е што населбата била расположена околу самиот врв, опфаќајки го и врвот, со тоа што и на највисоката точка која претставува голема карпа, се среќаваат разни интервенции од човечка рака, како скали (сл. 130 – Скали издлабени во карпа на највисокиот дел на Висока), разни правоаголни делканици и сл. Освен тоа, на просторот кој зафаќа неколку хектари површина, денес обрастен во шума, се среќаваат и фрагменти од керамика од времето на развиениот период на македонската држава, како и голем број длабени форми по карпите, крај кои има и остатоци од некогашните градби на населбата. Од обработките по карпите кои се среќаваат на просторот на кој била расположена населбата, има делканици во форма на столови или лежишта за ѕидовите на градбите, како и своевидни ниши (камари) кои се наоѓале во просториите на градбите. Жителите на селото Крушевица во своето раскажување за ова место посебно се осврнуваат на извесен стар бунар, кој се наоѓал под самиот врв на планината, а кој денес е затрупан со земја и камења. Дел од грамадите камења и остатоци од стар широк ѕид (сл. 131 – Растурен дел од бедемот), кој се протега од север кон југ, на околу 100 м под врвот, укажуваат дека населбата имала и утврдување кое го обградувало највисокиот дел од просторот на Висока.
Дека населбата на локалитетот „Ќаве“ имала комплетен престој на жители, говори и некрополата во карпи, која се среќава на јужната страна од врвот. Таму на една поголема карпа можат да се видат 16 корита издлабени на нејзината горна површина, кои служеле како гробови (сл. 132 – Еден од гробовите издлабени во карпа од некрополата на Висока). Падините кои се спуштаат надолу во правец на селото Крушевица, располагаат со плодни површини земја, како и со неколку дарежливи извори на вода, што упатуваат на условите за живеење во населбата за која станува збор. Имајќи ја предвид местоположбата на населбата на 1472 метри надморска височина и доминантноста на овој простор над Мариовската котлина и Пелагониската рамнина, оваа населба веројатно имала извесно стратегиско значење за одбрана на некоја посебна територијална единица во рамките на македонската империја, или во најмала рака служела за заштита од разните напади од северот на Македонија, како и од западниот дел на Балканот од каде имало чести напади од страна на Илирите и Дарданците. Додека Дарданците биле расположени на север од Македонија, Илирите населувале простори на запад од неа. И со двете племиња Македонците често воделе војни, посебно за одбрана од ограбувачките походи кои ги правеле Дарданците, со видна нагласеност за време на Филип V (221-179 г.п.н.е.). 157 Фактот што во пошироката околина на Висока се среќаваат голем број остатоци од населби од различни периоди, меѓу кои посебно од периодот во кој постоела и населбата на самиот врв на оваа планина, покажува дека таа имала извесно стратегиско значење. Покрај другото, таа со својата местоположба била погодна за набљудување на просторот и сигнализирање за одредени случувања во него, а посебно за заштита на населението од околните населби при нападите кои често се случувале во тоа време. Такви населби се среќаваат и од страната на Пелагонија во атарите на селата Бонче, Подмол и Лопатица, кои се расположени во самото подножје на Висока. Овде треба да се нагласи дека токму во подножјето на Висока, од страната на Пелагонија, на границите на атарите на селата Бонче и Подмол, се наоѓа една монументална гробница од македонски тип, изградена со големи убаво изделкани камени блокови, со ходник долг 20 м и погребен простор делумно издлабен во карпа со 8 м должина, 6,6 м ширина и 5,6 м височина. 158 Со своите кралски димензии, таа упатува на значајна населба во нејзина населба, која веројатно била извесен центар на поголема територијална целина, можеби на Пелагонија, која во дел од антиката егзистирала како посебно кралство со свои сопствени владетели. Еден епиграфски споменик (мермерен споменик со натпис), пронајден во Пелагонија, укажува на извесен пелагониски крал од 365/64 година пред н.е. кој оддржувал добри врски со Атина, а по него, според друг натпис во 363/2 година, крал на Пелагонија бил Менелај Пелагон. 159 Научникот В. Пајанковски, реконстуирајќи ја историјата на Пелагонија, како крал на Пелагонците пред претходно споменатите, го наведува Сира за кого има различни толкувања околу неговото потекло. Претпоставката на Пајанковски е дека Сира е прв крал на Пелагонците, дека бил зет на кралот на Линкестида, Арабај и дека во исто време бил во сојуз со македонскиот крал Архелај (413-399 г.п.н.е.) 160 , во чие време Македонија доживува силен процвет. Сира, за да ја зацврсти врската со македонската кралска куќа, ја омажил својата ќерка Евридике за македонскиот крал Аминта III (393/2-370/69 п.н.е.) 161 . Самостојното постоење на Пелагонија како кралство завршува со потпаѓањето под власта на Аргеадите, односно македонската кралска династија во времето на Филип II (359-336 г.п.н.е.). Ако се знае дека во тоа време во рамките на Пелагонија се наоѓал и дел од Мариово, неминовно е да се претпостави дека истите кралеви владееле и со просторот за кој станува збор и во оваа книга.
Од околината на врвот Висока, овде ќе потсетиме на превојот од неговата северна страна на кој се можни остатоци од древно постоење, а две големи карпи кои со својот изглед потсетуваат на мегалити со завидни димензии и форми, се посебен белег на овој превој од неговата северна страна.
Меѓу жителите на селото Крушевица и денес е живо преданието поврзано со населбата на локалитетот „Ќаве“. Во него се вели:
-„Некогаш многу одамна, кога Мариово било море, селото Крушејца се наоѓало горе на Висока, на Ќавето. Таму и денес се среќаваат железни алки закачени во карпите, за кои се врзувале кајчињата. Тогашните жители имале и свој бунар од кој пиеле вода, а кој и денес се наоѓа таму затрупан со камења и земја. Кога водата од морето се повлекла, селото било преместено во ниските простори.“
Од преданијата поврзани со овој простор, овде ќе го изнесеме она за една пештера која се наоѓа јужно од врвот, од страната на Пелагонија. Таа се вика „Змејовица“. Според ова предание во пештерата некогаш живеел змеј. Тој еднаш грабнал девојка од селото и ја однесол во пештерата да живее со него. Таму ја држел цели три години, кога бил убиен со вода во која грабнатата девојка, по совет на својата мајка, турила сол. Зашто солта значела смрт за змејот.
(Во 2005 за локалитетот Висока се заинтересира професор д-р Виктор Лилчиќ и во негова координација беа направени почетни истражувања кога произлезе и претпоставката дека на овој локалитет се крие изгубениот антички град Пелагонија.
Во 2006 година по проект финансиран од Министерството за култура на Македонија во раководство на Виктор Лилчиќ и подраководство на археологот Антонио Јакимовски беше формиран стручен тим и на локалитетот беа направени сондажни истражувања на портата и партија од ѕидот на монументалната градба на врвот.
Ископувањата на Висока продолжија во кординација на професорот Виктор Лилчиќ, а во нив учествуваа Институтот за археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за истражување на старословенска култура од Прилеп и Заводот и Музеј од Прилеп. Во 2007, како и 2014 година, беа констатирани значајни движни и недвижни наоди и на површина излегоа поголеми делови од портата, скалите и делови од монументалниот ѕид.
Истражувањата на локалитетот „Старо Бонче“ следат во континуитет, речиси, секоја година, заклучно со 2016 и археолошката наука постојано се здобива со нови сознанија за значењето на овој простор во антиката со што се доближува до идентифијувањето на населбата која се крие на двата големи локалитети Висока и Старо Бонче.)
156 Археолошка карта на република Македонија,…, (Б.К., Л.К., К.К.)
[1]57 Прилеп и прилепско низ историјата, Прилеп 1971.
[1]58 Исто.
[1]59 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 199, 200. Наде Проева, Студии за античките Македонци, 107.
[1]60 Наде Проева, Студии…, 107. Линкестида се граничела со Пелагонија, Девриоп, Дасаретија…
[1]61 Исто.