ДО МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ НА НЕБОТО
на С.Р.
(Од необјавената поетска збирка „Кучешко време“, – шести дел, „Порака“)
Ех, пријателе,
ти си замина недоискажано,
сосема резигнирано,
речиси, со презир.
Незнам дали намерно или ненамислено,
но без порака за иднината
и без поука за минатото!
Не остави збунети,
исплашени и вџашени.
Барем еден збор да кажеше
пред заминување,
„во кого нишан да впериме,
во кого да стреламе,
кога наспроти себе никого немаме“,
сами во вселената,
опкружени од недоодоен етер,
од магла, еколошки сомнителна
и водачи идеолошки недоквакани.
Крвта и водата се помешале,
а крвта вода, сепак, не бидува
и она за горе, го симнале долу,
а она за долу, се испрчило најгоре,
збунети сосем,
почнуваме се од почеток,
а исконот одамна сме го заборавиле,
па долго ќе потрае скитањето
низ овој налудничав свет,
додека малку се доближиме до патот
на нашето недоодие.