НАЈСТАРАТА НАСЕЛБА НА ПЕЛАГОНИЈА НА ДНОТО НА ПРИЛЕПСКОТО ЕЗЕРО
Некои археолошки наоди од периферните делови на Пелагонија покажуваат дека тие делови на кои започнуваат планинските венци, кои ја заградуваат котлината, во древните времиња биле богати со голем број населби. Примерот со две неолитски населби меѓу селата Присад и Ореовец е добар аргумент, за потврда на оваа констатација. Тоа се локалитетите Пештерица и Радин Дол, кои се расположени во долината во која се спојуваат Ореовечка и Присадска Река.
Можеби токму превојот Дервен, кој бил природна врска со два посебни региони поделени со планините, е причина за таквите населувања на овој простор. Се разбира ниту природните услови на долината од оваа страна не се помала причина за населување. Големата долина меѓу споменатите села е полна со извори вода, а во близина се и планините кои веројатно нуделе богат лов посебно за најстарите населувања. Исто така, тие овозможувале и чување добиток со богатството од пасишта и шуми.
Двете населби кои се откриени на просторот меѓу Ореовец и Присад се наоѓаат на многу мало растојание една од друга и потекнуваат од времето кое може да се смета за период на создавање на основите на цивилизацијата. Имено и двете населби потекнуваат од периодот на новото камено време кога човекот изработува предмети од камен, од коска, дрво и од земја, која ја преработува во керамички садови. Едната од населбите е откриена покрај Оревоечка Река, поточно на самиот нејзин слив во денешното Прилепско Езеро, на локалитетот Пештерица. 1 Констатирано е дека се простирала на околу 1 ха, а археолозите истражувале на неа по изградбата на браната за езерото и успеале да истражат само дел од неа, и тоа, на нејзините периферни делови, констатирајќи притоа жалење поради пропуштањето на најатрактивните делови на населбата. 2 Во секој случај, при истражувањето извршено 1965 и 1976 год. се пронајдени бројни предмети кои ги користеле праисториските жители на оваа населба на локалитетот кој е пошироко познат за археолозите под името Пештерица, како што го крстиле жителите на околните села. Освен разните предмети констатирани се и праисториски живеалишта, кои се датирани во периодот од 10 000 год. пр. н.е. до околу 3000 год. пр. н.е.
Од станбените објекти за живеење се споменуваат полуземјанки, кои биле покривани на „една или на две води“, a огништата биле правени од камен и надвор од куќите, но во нивна непосредна близина. 3 Од пронајдените предмети се споменуваат мал број камени орудија, како и предмети од коска, а бројот на керамичките наоди е поголем. Според археолошките пронајдоци, археолозите овој локалитет го датираат во раниот неолит 4 кој егзистира пред петото илјадалетие на старата ера.
Споредувајќи ги наодите од населбата на Пештерица со археолошките наоди од другите неолитски населби констатирани во Македонија, посебно со населбата Анзабегово–Вршник кај Овче Поле археолозите се служат со временските датирања постигнати со карбонските методи. Имено, пронајдените предмети од Анзабегово–Вршник датираат во ран, среден и доцен неолит 5 што упатува на долг континуитет на населување. Некаде во истиот период, со мали отстапки, егзистирале и населбите од околината на Битола познати како Велушино и Породин 6 според истоимените села. Во праисториските населби кои се откриени кај Битола се пронајдени бројни предмети меѓу кои посебно место заземаат култните керамички предмети во форма на куќи (жртвеници), разни фигури и др. Според некои од добро зачуваните жртвеници во форма на куќи, некои од денешните архитекти прават реконструкција на праисториските куќи кои, според нив, биле вистински архитектонски градби на кои и денес можеме да им позавидиме. 7
Токму во периодите во кои се датирани погорните населби од неолитот археологот Б. Китаноски ја датира и населбата откриена во близина на селото Ореовоец на локалитетот Пештерица. Всушност, според него, предметите пронајдени на оваа населба можат да се датираат во самите почетоци на неолитот. 8 Некои од останатите археолози, сепак, сметаат дека и оваа населба егзистирала во времето на населбите во Велушино и Породин откриени кај Битола и дека пронајдените предмети и припаѓаат на истата културна група. Анализирајќи го населувањето на Западна Македонија и Пелагонија во неолитот, археологот В. Санев од Штип, од бројот на констатираните населби заклучува дека во тој период овој простор бил доста густо населен. 9
Имајќи предвид дека околу 70 населби кои се констатирани претежно покрај течението на Црна Река, во централниот дел на котлината, дале импозантен број археолошки материјали, често и со фасцинантини форми, развојот на културата уште во тоа време е евидентен. Посебно во Пелагонија која, се чини, била густо населена во тоа време. Археологот Б. Китаноски од Прилеп заедно со своите колеги Д. Симовска од Битола и Ј. Тодоровиќ од Белград наодите од Пештерица кај Прилеп ги сметаат за посебна културна група предмети поради нивните специфичности поврзани со грубата изработка и недоволно развиените форми кои ги одделуваат од предметите од останатите претходно споменати локалитети. 10 Токму поради ваквите специфики тие овие предмети ги датираат во најраниот период на неолитот, истакнувајќи дека во периодот кога егзистирала оваа населба просторот на Пелагонија сѐ уште не бил погоден за населување поради барите и мочуриштата кои сѐ уште превладувале во оваа котлина, која во периодот пред тоа била езеро кое по извесни тектонски поместувања истекло во Егејско Mope пo долината на Црна Река. 11
Освен локалитетот Пештерица во близина на овој локалитет е откриен и истражуван уште еден праисториски локалитет познат како Радин Дол, кој се наоѓа на утоката на Присадска во Оревоечка Река. Тој е распространет на поголема рамнина со површина од околу 1 ха и, според пронајдените остатоци од објекти и предмети, населбата е датирана во средниот неолит, односно, од 5000 до 3500 год. пр. н.е. 12 Тоа е констатирано по утврдувањето дека наодите се во повисока фаза на изработка со посовршени форми и материјали. Примерот на двете населби од различни фази на неолитот покажува на постоењето бројни локалитети на самата периферија на Пелагонија преку кои може да се проследи континуитетот на населување на овој простор во неолитот и воопшто развојот на цивилизацијата во овој период.
Во Радин Дол, исто така, се пронајдени бројни предмети од керамика, меѓу кои, парчиња од различни садови и жртвеници. 13 Според археолозите, овие предмети имаат сличности со дел од археолошките предмети од Породин и Велушино кај Битола, поради што тие се сместуваат во истата културна група, што значи дека населбите егзистирале во блиски или исти времиња од неолитот.