ЦЕЛ ЛАПИДАРИУМ ОД МЕРМЕРНИ СПОМЕНИЦИ И СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ НА КОИ СЕ СПОМЕНУВА ИМЕТО НА АНТИЧКИОТ ГРАД АЛКОМЕНА ВО СЕЛОТО БЕЛА ЦРКВА, ПРИЛЕПСКО
Познато е дека античкиот град Алкомена е еден од трите познати антички градови во областа Девриоп, која била расположена по горниот тек на Црна Река, античкиот Еригон. Според историските, археолошките и епиграфските споменици, најголем од овие три града бил Стибера, кој се наоѓал кај денешното село Чепигово, а втор по големина бил токму споменатиот Алкомена од кој потекнуваат и познати историски личности, како што е еден повисок воен старешина во војската на Алексадар III Македонски со име Пејтон Кратева. Него го споменува античкиот автор Аријан.1 Третиот познат антички град од споменатата област бил Бријанион, кој се лоцира на локалитетот Градиште, кај селото Граиште, Демирхисарско.2
Името на градот Алкомена е познато од натписи пронајдени на епиграфски споменици, токму, од селото Бела Црква, кое е соседно село на Бучин, оддалечено неколку километри североисточно. Поголем број од споменици од мермер, како и елементи од престижни архитектонски градби се среќаваат во кругот на црквата „Мала Богородица“.3 Најголемиот број од нив се вградени како сполии во црковната градба, која е изградена 1878 година. Може да се каже дека кругот на црквата, како и самата градба претставуваат вистински лапидариум од голем број камени споменици, главно, од мермер, кои претставуваат вистински музејски експонати, но и драгоцени документи за периодот на антиката од кој водат потекло. Тие „говорат“ за градот Алкомена, кој настанал во времето на македонските кралеви Филип II и Александар III Македонски, а продолжил да се развивива и во следниот, римски период. Освен граѓани од тие периоди, во натписите, се споменуваат и божества, кои биле почитувани од нив.
Прв кој ги забележал спомениците со натписи од градот Алкомена, а кои се наоѓале во селото Бела Црква, е охриѓанецот Маргарит Димица,4 кој зад себе има оставено богата литература за културата и историјата на Македонија. Подоцна овие споменици ги забележал и српскиот археолог Никола Вулиќ,5 како и други автори, но поцелосна обработка и презентација на овие значајни споменици во поново време не е направена. Фактот што во ова село се среќаваат толку голем број антички споменици, кои биле дел од културата на античкиот град Алкомена, упатува на размислување за просторот кој го зафаќал и неговата големина. Од северната страна на селото Бучин се наоѓаат остатоци од две утврдувања, кои биле дел од овој антички град. Разновидни споменици од него се појавуваат на многу места во селото Бучин, но многу чести и ексклузивни наоди се појавуваат во рамнинскиот дел, во атарот на селото Бела Црква. Меѓу жителите на селото, често може да се слушнат гласини за извесни скулптури пронајдени при обработката на земјоделските површини, како и други слични наоди. Веројатно е дека некои од нив се исчезнати во непознат правец, преку продажба на црниот пазар за музејски премети.
Токму честите наоди на антички споменици во атарот на селото Бела Црква, како и во самото село, индицираат размисла за тоа дека градот Алкомена имал свои градби и на овој простор, односно дека отворениот дел од градот се простирал и на површините кои денес му припаѓаат на атарот на ова село. Од друга страна, појавата на атрактивни наоди упатува на културното ниво и богатството на градот. Присутни се поголем број фрагменти од столбови, основи од столбови, капители, надгробни споменици и други објекти, меѓу кои голем број со натписи и релјефни украсувања – повеќето од мермер, кој бил носен во Алкомена од околните рудници за таков материјал. Повеќето од овие споменици биле дел од престижни градби, како храмови, згради од јавен карактер и сл.
Неколку фрагменти од мермерни столбови се наоѓаат надвор од оградата на црквата „Мала Богородица“ во селото Бела Црква, веднаш до неа, крај патот за селото Бучин. Повеќе и многу поатрактивни споменици од мермер се наоѓаат во кругот на црквата и вградени во црковната градба.
Споменик бр. 1
При посетата на црквата, посебно внимание привлекува една мермерна плоча со релјеф ставена како сполија на јужниот ѕид во близина на западниот агол. На неа се изработени три ликови со подлабок релјеф. На левата страна се наоѓа фигура на маж со долга облека – долг хитон и наметка на кои се изработени голем број набори, а на десната фигура на жена, исто така во долг хитон и со наметка. Двете фигури, со десната рака, свиткана во лактот ги придржуваат наметките, а во левата рака, која е испружена надолу, држат извесен предмет, бројаница или клуч. Додека машката фигура е облечена во покус хитон, при што, стапалата и дел од нозете до над глуждовите не и се покриени, женската фигура носи друг вид хитон (фустан), кој е подолг и надвор од него се забележуваат само предните делови од стапалата. Јасно е дека и двете фигури се претставени во вообичаена облека, карактеристична за аристократските слоеви. Јасно им се изразени и прстите на рацете, со кои држат дел од наметките, особено кај женската фигура.
Во средината меѓу двата лика, во повисокиот дел од плочата, на постамент во висина на рамениците на двете големи човечки фигури, изработена е мала човечка фигура – дете, кое е претставено во облека слична на онаа од големите фигури, односно, слична на облеката од машката фигура, што значи дека се работи за машко дете. И на малата фигура десната рака му е свиткана во лактот и со неа ја придржува наметката, а во левата рака држи бројаница или клуч. Фактот што сите три фигури кои, веројатно, претставуваат семејство, држат сличен предмет во левата рака, кој многу наликува на клуч, упатува на неговиот посебен статус во градот, а поставувањето на детската фигура повисоко, над рамениците на фигурите на возрасните, упатува на тоа дека се работи за наследна линија на посебниот статус, можеби извесно старешинство, кое е симболизирано со предметот кој го држат сите три фигури во нивната лева рака. Во секој случај, градителите на црквата, убаво го поставиле споменикот, на сосема видно место и заштитен со неговото вградување во ѕидот.
Во ѕидот на црквата се вградени уште голем број други споменици, разновидни блокови од мермер и посебно оформени плочи со натписи. Нив ги има на северниот, јужниот и западниот ѕид, распоредени на аглите и во права линија во понискиот дел. Некои од натписите се со понагласена содржина, во која се изнесуваат моменти од културното живеење на градот Алкомена. Како од општествениот, политичкиот и екомномскиот, така и од религискиот живот.
Споменик бр. 2
Се наоѓа во основата на јужниот ѕид на црквата. Претставува плоча од бел мермер со димензии 1,50 х 0,46 m со натпис во обработен дел со рамка, која ја документирал Димица и го препишал натписот.6 Потоа на овој споменик се осврнале Никола Вулиќ и (најново) Маријана Рицл.7 Во почетокот на натписот се среќава името Лукиј Ајлиј Агрестијан Титијан, кому му се упатува благодарност од страна на заедницата на Алкомена пореди неговата донација од илјада денари, а во средината на натписот се среќаваат имиња на божества, и тоа, Ѕевс Агорајо, односно, Ѕевс заштитникот на Агората (собранието), а веднаш по него и името на неговата сопруга, божицата Хера. Интересно е дека со ваков епитет „Агорајо“ врховниот антички бог Ѕевс во Пелагонија се среќава на повеќе места. Се чини дека овој култ бил многу почитуван, особено во градските населби. Еден споменик со такво именување на Ѕевс имаме и кај Плетвар, на карпа со ниша во која е претставена фигура на богот.8
Во продолжението на натпис, меѓу другото, се споменува и името на градот Алкомена што претставува вистински документ за тоа дека овој антички град се наоѓал на овој простор – меѓу селата Бучин и Бела Црква.
Споменик бр. 3
Третиот споменик со натпис е уште една плоча од мермер вградена во јужниот ѕид на црквата „Мала Богородица“. Таа има двојна рамка за натписно поле со димензии 1,34х0,43 m и има речиси, идентичен натпис како претходната.9 Повторно се работи за Лукиј Ајлиј Агрестијан Титијан кому му се заблагодарува заедницата на Алкомена за донација. Се споменува и Ѕевс Агорајо, но отсутно е името на Хера, кое го среќаваме на претходниот епиграфски споменик. Тоа упатува на извесна значајна улога, која ја имал во Алкомена споменатиот Лукиј. Оваа плоча има и калкан, а во него една кружна форма во релјеф, вазна или небесен симбол. Натпис во еден ред има и на основата од калканот, но тешко е да се прочита, бидејќи плочата е покриена со варов малтер. Веројатно е дека се споменува извесно име.
Споменик бр. 4
Се наоѓа, исто така, на јужниот ѕид и претставува плоча со височина од околу 1,60 m и ширина од околу 0,60 m со натписно поле во дводелна рамка. Има калкан на чија основа, исто така, има текст во еден ред, а во калканот има вазна.
Споменик бр. 5.
Последен споменик со натпис на јужниот ѕид. Се наоѓа во близина на источниот агол од ѕидот и претставува помал камен блок си натписно поле во рамка со пократок натпис. Во натписот се споменува име Мемиа, како и име Фуска, кое не потсетува на познатото семејство Фуска, кое потекнува од Стибера. Оттаму е позната Антестиа Фуска, чие име стои на натпис во храмот на божицата на судбината, Тихе.10
На јужниот ѕид има уште неколку сполии од мермер со разновидни форми и обработки – елементи од некоја стар античка градба, кои се вградени во ѕидот. Тука е еден голем камен блок во западниот агол на јужниот ѕид, еден мермерен елемент со издлабено кружно корито, како и еден помал мермерен блок со крст во релјеф од раното христијанство.
Споменик бр. 6
Претставува мермерна плоча вградена како сполија при основата на северниот ѕид на црквата, На него има натпис во четири реда во кој се среќаваат имиња со постаро потекло, кои според епиграфичарите имаат тракиско потекло.11 Натписот е посветен на извесен покојник, а се среќаваат имињата, Местил, Дулес, Мома и Местриј. Од нашите сознанија слични имиња се среќаваат на голем број други споменици од антиката во Пелагонија и Мариово. Слични имиња се среќаваат во постарите периоди од историјата на овој простор.
Од другите споменици, кои се наоѓаат во кругот на црквата во селото Бела Црква, во очи паѓа еден јонски капител од мермер, еден фрагментиран споменик од мермер како дел од капител со релјеф со листовидни форми, оштетена основа од столб, еден капител со правоаголни форми и други мермерни споменици.
Интересно е дека покрај постарите антички споменици од камена пластика, во кругот на црквата и на нејзиниот ѕид се среќаваат и споменици со христијанска симболика, кои упатуваат на ранохристијанска црква, која се наоѓала во близина во близина. Меѓу нив се неколку блокови со крстови во релејф и еден капител. Овие ранохристијаски споменици не потсетуваат на преданието кое се раскажува меѓу жителите на селото Бела Црква за извесна градба со бел мермер, која стоела на ова место.
„Во некое старо време кога селото Бела Црква не постоело, на местото имало многу стара црква. Таа надалеку се белеела и се гледала дури откај Варош, откај Прилеп. Затоа денеска селото се вика Бела Црква. Црквата во Бела Црква е навистина многу стара.“
1 Аријан, Александрова војна (Анабаза), превод Милан Стахулјак, Матица српска, Загреб 1952. Фанула Папазоглу, Македонски градови…, 222.
2 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957.
3 Маргарит Димица, H Makedonia, Atina 1896, 304 – 308. Никола Вулиќ, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 140 – 142. Виктор Лилчиќ, Македоснкиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том I, Мекдонска цивилизација, Скопје 2001, 378, 379.
4 Маргарит Димица, H Makedonia, …, 304 – 308. (Маргарит Димица – Ѓорѓи Димзо е роден 1829 година во Охрид, а починал 1903 година во Атина. Тој е високообразован Македонец, од дветнаесетиот век – малку познат во македонската јавност, воопшто. Димзо бил специјалист за македонска топографија и географија, историчар, епиграфичар, филолог и археолог – специјализирал класична филологија и археологија на университетите во Лајпциг и Берлин. Напишал голем број трудови, а три од нив се посветени на Македонија.)
5 Никола Вулиќ, Споменик, …, 140 – 142.
6 Маргарит Димица, H Makedonia, …, 304 – 308. Никола Вулиќ, Споменик, …, 140 – 142.
7 Никола Вулиќ, Споменик, …, 140 – 142. Маријана Рицл, Inscriptiones macedoniae, Eduderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Sualterus de gryuter, Berolini Novi Eboraci MIM, 171 – 174.
8 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 134, 135.
9 Никола Вулиќ, Споменик, …, 141. Маријана Рицл, Inscriptiones …, 173.
10 Иван Микулчиќ, Стибера, Македонско наследство, Македонска цивилизација, Скопје. Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, Н. У. Завод и Музеј – Битола, Битола 2004, 25 и 26. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 189, 190.11 Маријана Рицл, Inscriptiones …, 173 и 174.