НЕКРОПОЛА ОД ВРЕМЕТО НА КРИТСКО-МИКЕНСКАТА КУЛТУРА И БРОНЗЕН МЕЧ ОД КАЈ СТАРАТА БОЛНИЦА ВО ПРИЛЕП
Како што стои во книгата „Прилеп и Прилепско низ историјата“ уште во 1926 год. кај денешната Стара болница каде што во тоа време била Учителската школа се пронајдени 4 гробови од типот циста (од камени плочи) со наоди од праисторијата. Гробовите биле релативно мали и истражувачите помислиле дека во нив биле погребани деца, но се покажало дека погребниците биле возрасни, а во малите гробови биле поставени во згрчена положба. Тоа го покажале и пронајдените предмети во гробовите кои биле поставени како прилози за мртвите. За жал, сите пронајдени предмети, кои подоцна исчезнале во непознат правец. Меѓу нив посебно впечатлив наод е еден меч од бронза какви што имало уште во бронзената ера, која трае од 2600 до 1200 г. пр. н.е. Мечот е од т.н. тип Erbenheim.1 Од другите наоди забележани се две грниња, една бронзена фибула и железно копје.2
Погребувањето во згрчена положба за археолозите е вид на положување на мртвите во гробовите кој се практикувал уште во длабоката праисторија и е карактеристичен за индоевропската култура. Тргнувајќи од денешните сфаќања и датирања нашите археолози сличните наоди на нашиот простор ги датираат во подоцнежен период од вообичаеното датирање во други земји. На тој начин гробовите кај старата болница се датирани во железното време, а за пронајдениот бронзен меч се вели дека потекнува од Средна Европа и дека на овој простор дошол со првиот бран на Егејското доселување во 1200 год.3 Во тие години на просторот на Македонија се познати доселувањата од Крит за кои кај античкиот писател Страбон се вели дека група Критјани на чело со нивниот водач Ботон се населиле во Ематија. Подоцна оваа област ќе го носи името Ботиаја, а тоа е областа која се наоѓа во околината на градот Костур. Викторија Соколовска смета дека се работи за преселба од поголеми размери земајќи го како аргумент нејзиното забележување од старите историчари. Преселбата според неа се случила некаде во 1400 г. пр. н.е. по пропаѓањето на критската култура со средиште во Кнос (Кносос), а кое веројатно е предизвикано со продорот на островот на Ахајците кои се главните напаѓачи на градот Троја во мала Азија. Според археолошките сознанија, Кнос во кој се наоѓа славниот дворец на митолошкиот крал на Крит Мин (Минос) е уништен во пожар.
Се споменува уште едно доселување на Критјаните во Македонија за кое спомнува Конон. Ова доселување се случува од Сицилија каде што една група Критјани се доселиле со првото преселување од Крит, а ги водел лично кралот Минос. На походот кон Сицилија Минос загинал, а неговите Критјани настрадале во бродолом. Подоцна под името Јапиги тие им се придружиле на своите сонародници во Македонија во областа Ботиаја.4
Поврзувајќи ги овие настани со некои наоди од околината на Прилеп археолозите често истакнуваат дека се работи за наоди од населби од тоа време или од времето на нивната стабилизација на овој простор по доселувањето. Од времето на првото доселување се сметаат токму наодите од гробовите кај Старата болница, а приближно во тие времиња се датираат и наодите од гробовите кај рудникот Сивец, од Попадин дол кај Институтот за тутун, Ракида кај Тројаци и др. Според Никола Вулиќ, гробовите од локалитетот кај старата болница во Прилеп потекнуваат од времето на микенската култура, па и насловот поврзан со овој текст упатува на тоа: „Гробнице из микенског доба у Прилепу“.5
Интересно е дека кај старата болница има наоди и од античкиот период од кои некои и денес стојат на овој простор. Тука се два мермерни столбови со висина од околу 1,5 m. со четриаголна форма поставени веднаш до оградата, од внатрешната страна, покрај улицата „Александар Македонски“. На нив е изработен релјеф во различни форми, како венец, соларен знак и сл. За Георги Трајчев тоа е гробот на Владиката опеан во песната „Каде се чуло видело Владика Турчин да стане“ кој е убиен од Турците, кои сметале дека потурчувањето на Владиката било само лицемерие кон нивната вера. Како што е познато од преданието, овој Владика е поврзан и со настаните опишани во врска со доаѓањето на царица Мара во манастирот Трескавец и убивањето на 300 калуѓери во манастирот. Местото и денес е нарекувано Владиков Гроб, а според постари пишани извори поширокиот простор е нарекуван Елимски Гробишта, што на некој начин има асоцијација на т.н. елинистички (македонски) период кој од своја страна е поврзан со владеењето со Македонија на Филип и Александар Македонски. Ако се има предвид дека Турците му направиле гроб на убиениот владика во близина на нивните муслимански гробишта, тоа значи дека тие постоеле токму на просторот на денешната Стара болница.
ДАЛИ Е УНИШТЕН ЗНАЧАЕН ЛОКАЛИТЕТ И ПРОПУШТЕНА МОЖНОСТА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА МНОГУ ПОГОЛЕМА МАТЕРИЈАЛНА КУЛТУРА
Според археолозите кои први пишуваат за откритието кај старата болница во Прилеп, на овој локалитет имало индиции за многу посодржајна материјална култура. Имено, Никола Вулиќ истакнува дека во близина на веќе откопаните гробови имало извесна тумба, на која се наоѓале голем број фрагменти од керамички садови и сличен материјал. Еве што пишува тој:
„Прегледувајќи ја непосредната околина, можев да востановам дека овие гробови се наоѓаат на подножјето на едно, како изгледа, позначајно културно тло. На околу триесетина чекори источно од наоѓалиштето, од долот се издига една ниска, широка, слабо наведната тумба. Секаде по неа наидував на разни парчиња праисториска керамика, а многу од неа, особено, имаше на северниот раб, каде што се наоѓаа ораници и каде ралото многу од нив ги исфрлило на површината. Нема сомневање дека тука имало поголема праисториска населба во стилот на Тесалските кај Димини, Сескло, Зана, Мармариана и тн.“6
Значи, случајно откриените гробови, не се единствени експонати на опишаната култура, туку тие биле дел од поголем локалитет со повеќе остатоци од материјална култура. За жал, веројатно, е пропуштена можноста за нејзино откривање, како и можноста за добивање многу подобри археолошки сознанија и збогатување на музејската збирка на Музејот во Прилеп.
1 Никола Вулиќ, Архелошке белешке из Јужне Србије – Гробнице микенског доба у Прилепу, Гласник Скопског научног друштва, књ. V, Скопје 1929, 60, 61. Благоја Китаноски, Прилеп и Прилепско низ историјата, книга 1, Општинско собрание и Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, Прилеп 1971, 27–28.
2 Никола Вулиќ, Архелошке белешке из Јужне Србије – Гробнице микенског доба у Прилепу, Гласник Скопског научног друштва, књ. V, Скопје 1929, 62.
3 Исто. Б. Китаноски, Прилеп и Прилепско .., стр. 27–28.
4 В. Соколовска, Етничките носители.., Македонија Прима Охрид, 1997 г.
5 Никола Вулиќ, Архелошке белешке из Јужне Србије – Гробнице микенског доба у Прилепу,…, 59.
6 Исто, 60.