ИНФАРКТ
(Расказ)
1
Она што се случуваше во градот беше навистина мистерија. Имаше разни објаснувања, но секое беше само за себе, без амбиции за поширока употреба. Сите бевме преплашени од непознато случување. Од страшна несреќа која висеше во воздухот над градот. Стравот не беше толку поврзан со смртта колку со чувство кое владееше. Лебдеше мистериозна трагика и никого не оставаше рамнодушен. Се боревме во себе да ги расчистиме патиштата на својата духовност. Животот беше заплеткана ситуација од која никој не можеше да се извлече.
Тоа му се случи на началникот на полицијата. Тој важеше за човек кој на проблемите гледа како на плиток снег. Ненадејно си замина и предизвика вистинско чудење кај граѓаните кои беа во некој мистериозен занес. Се слушна само тоа дека силно го мавнало во срцето и не траел долго потоа. „Никој не е имун“ – си рекоа повеќемина, запаѓајќи во своите мисли разјадени од стравот вкоренет длабоко во утробата. Нешто им се поткреваше одвнатре на сите и ги тераше дури и на повраќање. Така смртта стана сè поприсутна во нашето секојдневие, а животот сѐ повеќе го губеше своето значење. Всушност, не постоеја вистински критериуми за него, а тоа беше олеснителна околност која го намалуваше стравот. Она што не снајде личеше на грозна епидемија, но медицинските стручнаци не покажуваа посебен интерес за неа. „Нормално е во условите на современо живеење“, најчесто одговараа тие на поставените прашања во врска со крвните изливи и ненадејните експолозии на срцето што му се случуваа на многумина.
– Овој град е грешен, плива во гревови и Господ ни се одмаздува – викаше на сиот глас една верничка која ја сметавме за луда. По неа одеше маж со долга брада и торба преку рамо и на сите им советуваше да ја послушаат жената бидејќи таа има директни јавувања од Севишниот. „Симнете ги капите. Господ ќе ви ја чува главата. Симнете ги и помолете му се“ – советуваше брадосаниот и продолжуваше по жената. Некои од граѓаните им обрнуваа сериозно внимание и се навраќаа длабоко во минатото откривајќи ужасни гревови кои се починети на просторот на кој денес почиваа архиктектонските зданија. „Овде некогаш имало неброени храмови и цркви, а под земјата лежат илјадници мртви, тоа не ќе е на арно“ – се говореше во одредени кругови.
Мистеријата не им даваше мир на граѓаните и ги поткреваше нивните чувства. Таа ги разјадуваше нивните духови и внесуваше болесни чувства во целата ситуација. Најмногу, се обвинуваше власта која „мижеше“ и покрај тешката инфарктна ситуација. Проблемот, сепак, беше прашање на секоја индивидуа посебно. Децата имаа одредена предност над возрасните бидејќи она што се случуваше го следеа како ново сознание во својот детски развој. Едно еколошко друштво трубеше за некаква чудна бактерија која доаѓала од фабриката за хемиски средства, а која наводно била вештачки произведена. Одеа дотаму што уверуваа дека Американците си правеле експерименти на овие простори за потребите на вселенските истражувања. Во нормалното чувствување на опколувањето можеше да не врати само ненадеен напад на страв од трајно запирање на здивот и заоѓање во вечната темнина на небитието. Оние кои смртта ги затекнуваше на половина пат си заминуваа без поголеми потресувања во пошироката средина бидејќи никој не сакаше да зборува за начинот на кој тоа им се случило. Нормално се одвиваа само умирањата и погребите на некои заостанати метузалеми со длабоко минато зад себе. Тоа нѐ враќаше во носталгично расположение за некогашното убаво живеење.
2
Душата ми беше скопец, а срцето постојано ми трепереше, не не сакав никому да кажам за тоа. Затоа постојано нешто зборував, силно преплашен. Другите сметаа дека тоа е резултат на мојата моќна интелигенција, која е во состојба да ги разјасни дури и дилемите на ова страшно време. Јас лично се чуствував како ништо да не разбирам, а зборовите течеа од мојата уста како продукт на нешто неконтролирано од разумот. Сметав дека тоа е мистериозната бактерија за која говореа еколозите и ги пцуев Aмериканците. Сепак, моите постапки одеа спроти стравот длабоко вкоренет во мене. Којзнае, можеби беше инстикт за одржување. Мојот сон беше скриена и закожурена пупка. Плодородна но потисната во длабочината на моето духовно битие. Владееше кошмарна ситуација и вистинскиот сон не можеше да доживее адекватна појавност. Всушност, вистинските сеништа не вредеа ниту грош во надворешниот свет. Ех! Вистинскиот сон,вистинскиот сон,ех! Тој беше,лек против атакот на срцето од мистериозниот напаѓач кој не бомбардираше со кошмарни доживувања.
За најсуштинските прашања расправав со случајни соговорници. Главно по сомнителни кафеани каде што имав пристап. Други кворуми за исконските теми кои беа спас за да се доживее иднината, не постоеја. Големите умови беа во некој посебен транс од нападите на мистериозната бактерија и најчесто од грдото правеа убаво и обратно. Беа замешани во нечии нечисти стратегии. Единствено ми беше јасно дека по секоја цена треба да се тежнее кон ослободувањето на енергијата на животот која беше насочена во нерешлива лавиринтска ситуација. Трагав по слободните патишта на бесконечноста по кои сакав да го упатам својот дух. Депресијата сепак беше со необична моќ и напаѓаше немилосрдно со своите илузорни оружја и фатаморгани. Одеднаш ме потисна мисла полна со темнина и безизлез.
– „Моето заврши, се распаѓам?“ – ми блесна во главата и потрепери целата моја биолошка конституција, а духот премален се обидуваше да ме врати во просторот на реалното случување. Затворен во простории за индивидуални активности плачев на глас и расолзено. Мојот дух, всушност беше сосема скршен. Уништен. Не ја чуствував ниту љубовта спрема своите најблиски. Чувствата на оние што ме сакаа не допираа до мене. Светот излезе од зглобовите на природното течење на нештата, а јас не можев ништо да направам. Како да го вратам својот дух во нормална положба? Или можеби дојде денот на заоѓањето во темнината?
По долгото чмаење и млитаво опстојување, сепак, решив да излезам во надворешниот свет и да побарам спас во вообичаените места на моето поранешно движење. Имав нагласена потреба да викнам на цел глас и се плашев од таквата желба зашто чуствувавдека во градите мè притиска силен крик, без јасно природно обличје. Можеби е ѓаволот? Ми доаѓаа луди претпоставки. Наталожена енергија тежеше во мене и имав силна желба да предизвикам тепачка со неколкумина. Чувството за заробена физичка сила во мене ме тераше на таква постапка.
– Повели! – ме пречека стариот кафанџија и ги покажа кривите и поцрнети заби,свртен кон мене – не те гледам во последно време. Што се случува со тебе? – праша. Не почуствував потреба да му одговорам. Речиси, и не го слушнав. Порачав чај и тој уште повеќе се зачуди знаејќи го мојот апетит за алкохол од претходните седенки. Останав со сопствените мисли и така свртен во себе станав и излегов.
-Чајот,чајот си го заборави – викаше по мене кафанџијата, но повторно не почуствував потреба да го прифатам неговото обраќање и продолжив по улицата. Беше раздвижено, но тоа одвај ми паѓаше во очите. Одеднаш пред мене се појави познато лице во униформа и мене ме потресе луда мисла која постојано ми се вртеше во главата тој ден. Помислив дека тоа е полицаецот кој ме приведе под сомневање за некаква кражба.״ Сега ми дојде״ – си помислив во моментот, му пријдов на изненадениот службеник и силно го треснав со тупаница по лицето. Почуствував крцкање под тупаницата, а болката во коските од прстите уште повеќе ме разбесни. Кутриот човек се испружи на плочникот, а капата се стркала неколку метри подалеку. Потоа зедов да го газам и да го клоцам со нозете, подивено.
– Вие ќе ме тепате мене, вие, а? – викав од внатрешноста на мојата депресивна душа. Се собраа сеирџии, но никој не се обиде да му помогне на човекот и да го спаси од мојот бес. Не чуствував ниту ронка грев. Всушност, полицаецот и не беше нешто реално во моите мисли. Тоа беше само излив на мојот бес кој случајно се запре во тој момент и на тоа место. Напротив, се почуствував необично среќен. Енергијата потече од мене како матица од срушена брана. Се смеев во себе, а радоста целиот ме облеа. Почнав да ги забележувам и луѓето насобрани околу мене и просторот во кој ненадејно сум се нашол. Престанав да го тепам човекот, а на толпата што „блееше“ во мене и во несреќникот не и придавав посебна важност.
-Помогнете му! – свикав заповеднички. Притрчаа неколкумина и го кренаа настраданиот полицаец. Набрзо дојдоа и други лица во униформа. Некои ги извадија палките и ја почуствував нивната тежина по своето тело. Сеедно, среќата се закорени во мене и не ме напушташе. Не се обидов да се спротиставам зашто немав таква потреба. Бев приведен во полициската станица, а таму некои од полицајците ги излија својот бес врз мене во вид на солидарност со својот колега. Не чуствував лутина.
Сега сосема мирен ја издржувам казната. Без секаков приговор ги извршувам сите наредби на командирот на окружниот затвор. Морав да одлежам три месеци, но тоа не беше важно за мене. Слободата ја почуствував длабоко. Тесниот простор во кој бев затворен не беше никаква пречка за мојот дух кој се движеше по патиштата на бесконечноста. Надвор владееше прединфарктна ситуација со изгубено чуство за реалноста. Се чуствуваше надоаѓање на неидентификувана бурна ситуација. Можеби ненадејна експлозија на долго акумулиран набој на погрешно насочена енергија.