БИТКАТА НА ШАКИР ВОЈВОДА И ТРАЈКО КРАЛОТ ВО СЕЛОТО ЗОВИЌ ВО МАРИОВО

Во ноември 1904 година по извршено предавство од шпион на грчката пропаганда Турците сардисале една мала чета од четворица комити на чело со Крсте Гермов Шакир од Прилеп во која се наоѓал и Трајко Кралот од селото Брник, Мариовско. Во беспоштедна битка со многубројниот непријател паднале двајца од комитите, а Шакир и Кралот успеале да го пробијат обрачот и да се спасат.

Турската власт преку својата војска и полиција била постојано ангажирана во потрагата по комитите и комитските чети, како и во потерите за нивно фаќање и убивање. Тие посебно биле ангажирани во фаќањето на војводите кои им задавале сериозни проблеми, движејќи се во своите реони како неприкосновени господари, пркосејќи ѝ на турската власт, односно на турската војска и полиција и вешто избегнувајќи ги нивните потери. И не само тоа. Некои од војводите со своите чети многу често излегувале вистински победници во битките кои им ги наметнувал далеку помногубројниот и подобро вооружен турски аскер. За жал, многу често во таквите судири животите ги губеле и драгоцени членови на Револуционерната организација.

Крсте Гермов - Шакир
Крсте Гермов – Шакир

По Илинденското востание во Прилепско опстанале поголем број чети кои продолжиле со својата активност. Тоа биле четите на Петар Ацев, Толе Паша, Анте Дунски, Крсте Гермов Шакир, Ѓоре Леништанецот и др., а во четите на прилепските војводи имало комити и од другите краишта на Македонија, како и од Битолско. Така во четата на Шакир Војвода извесно време престојувал и еден силен и храбар борец Трајко Кралот од селото Брник, Мариовско, кој подоцна имал и своја чета со која им давал силен отпор на големиот број грчки пропагандисти и андартските чети, кои ѝ служеле на грчката пропаганда, која била многу силна, токму во делот на Мариово, кој гравитира кон Битола. Според сведочењето на современици и пишаните сведоштва од тоа време, грчката пропаганда, посебно, се засилила по Илинденското востание, а некои мариовски села биле фактички освоени од нивните андартски чети, кои во својата пропагандистичка активност имале голема соработка со турската власт. Грчката пропаганда, преку својата шпионска мрежа, ги следела македонските чети и многу често ги предавала на турската војска и полиција, при што страдале голем број македонски борци за слобода. Оваа пропаганда имала свои силни упоришта во селата Градешница, Старавина, Груништа, Будимирци и други и се обидувала да ги освои и селата од левата страна на Црна Река, како Чаништа, Крушевица и др.1 Последица на активноста на грчката шпионска мрежа била и една битка кај селото Зовиќ, кое се наоѓа на десниот брег на Црна Река и е соседно село на селата Старавина и Груништа. Според пишаните историографски текстови, во ова село дејствувал извесен шпион на грчката пропаганда Мице, кој е споменуван во голем број предавства. Токму нему му се припишува и предавството на една четиричлена чета на чело со војводата Крсте Гермов Шакир, која во ноември 1904 година престојувала во селото Зовиќ.2

ОПСАДЕНИ ВО СЕЛСКА КУЌА

Според пишувањето на Ангел Динев, споменатиот шпион Мице ги предал комитите, кои престојувале во Зовиќ, известувајќи го аскерот дека тие се наоѓаат во куќата на полјакот од селото, кој доккрај останал верен на Организацијата.3 Според Петар Ацев гркоманите од селото Градешница за првпат направиле отворено предавство заедно со богаташот Мице од Зовиќ, кој бил голем гркоман. Тие го информирале аскерот, кој бил присутен во селата Градешница и Витолиште и заедно со таткото на кметот на селото Градешница, Босеа аскерот ја опсадил куќата во која биле засенати комитите.4 Во куќата се наоѓала малата чета на Крсте Гермов, познат како Шакир Војвода, со уште тројца комити, извесен комита Мице од селото Мојно, Кољо Калајџијата од Прилеп и Трајко Кралот од селото Брник, Мариово, познат и како Брничанецот или Брничанчето, кој подоцна водел и сопствена чета и кој се истакнал во голем број битки. Него Ангел Динев го нарекува „бестрашниот храбрец Трајко Кралев“.5 Меѓу другото тој, заедно со Шакир Војвода, учествувал и во битката над селото Селце кај Прилеп во која загинал војводата Никола Каранџулов.

Трајко Кралот
Трајко Кралот

Шпионите, кои биле во оопсадата заедно со Турците, го познавале војводата Крсте Гермов Шакир и, веројатно затоа, откако ја опсадиле куќата во која престојувала четиричлената дружина, повикале по него: Држи се сега, море Шакир!6 Шакир бил храбар и весел човек, та на ваквиот повик ја запеал песната Жив е тој жив еи му свикал на Турците Елате, елате кај мене, тирани Пред битката, Крсте Гермов со своите комити, куќата во која се наоѓале добро ја подготвил за одбрана претворајќи ја, како што пишува Динев, во „тврдина“.7 Четворицата комити, распоредени на разни страни во куќата, пукале на Турците и не им давале да им се приближат. Тројцата од нив биле вооружени со берданки, а Мице од селото Мојно со мартинка. Турците се обиделе да ги искористат и жителите на селото, кои ги терале во групи кон куќата за да ја запалат и да видат дали комитите ќе пукаат. Жителите се извлекле од таквата ситација убедувајќи ги дека фаќањето на комитите не е нивна работа. Битката се водела од зорите до доцна навечер.8 Кон крајот на денот војводата Крсте Гермов забележал дека една од бојниците кои биле подготвени за пукање на аскерот замолкнала. Трчајќи до местото на бојницата тој го здогледал неговиот другар и комита Мице дека лежи неподвижен крај својата пушка.

Селото Зовиќ - дел
Селото Зовиќ – дел

Мице бил погоден преку дупката на бојницата некаде во пределот на главата и бил усмртен. За да не се забележи дека некој од комитите е убиен и дека четата е ослабена, Шакир Војвода пукнал со пушката на Мице од бојницата, а потоа организирал и другите двајца комити Трајко Кралот и Кољо Калајџијата да се менуваат на Мицевата бојница.9 На тој начин, комитите не им давале на Турците да се доближат до куќата и да ја запалат. Во тоа, Турците успеале дури вечерта под превезот на ноќта. Тогаш тие се доближиле, фрлиле оган на сламениот покрив и ја запалиле куќата во која се наоѓале комитите, со што им ја влошиле состојбата.10 Кога чадот се пробил во тланикот и пондилата, комитите се повлекле во одајата, која била залепена до тланикот. Тука нашле ноќви со замесен леб, кој го подготвила домаќинката од куќата пред да започне битката. Тестото им помогнало на комитите за да не се задушат од чадот. Кога пламенот ги зафатил и гредите на куќата, почнал да се урива покривот, односно, целата куќа вивнала во пламен и го осветлила околниот простор. Постоела опасност комитите живи да изгорат.  Затоа решиле да ја напуштат запалената „тврдина“ на малата врата на задниот дел од куќата.

КОЛЕ КАЛАЈЏИЈАТА ОД ПРИЛЕП СМРТНО ПОГОДЕН ВО ДВОРОТ НА СОСЕДНАТА КУЌА

Излегувајќи еден по еден тројцата комити дошле во дворот на соседната куќа, пробивајќи се низ дожд од куршуми. Едниот од комитите, Коле Калајџијата од Прилеп, подзастанал на вратата од дворот сакајќи да ги исмее гонителите, но уште уста не отворил и паднал смртно погоден. Крсте Гермов притрчал до него, му го разврзал појасот за да види дали е тешко ранет, но младиот комите со клетва на усните, починал на самото место. Другите двајца воделе битка до смрачување. Крсте Гермов влегол во куќата и по темница се обидел да ги пронајде ноќвите со леб зашто долго време биле гладни и жедни. Во јаслите на куќата налетал на жив човек, сосема исплашен и сметајќи дека се турски војници се молел да не го убиваат. Гермов го оставил човекот и се вратил назад кон тланикот. Успеал да ја пронајде стомната со вода, ги пронашол и ноќвите, па земајќи ја стомната, леб, како и сирење или туршија, излегол назад кај неговиот другар Трајко Кралот за да го понуди со вода и вечера. Потоа успеале да се извлечат живи од селото.11 На тој начин, малата чета успеала да се спаси давајќи во битката со аскерот две драгоцени жртви.

Двајцата јунаци, Трајко Кралот и Крсте Гермов – Шакир, од куќата излегле испотени од топлината на огнот во кој горела куќата, која била опсадена, поцрнети во лицето, зацрвенети во очите, со подгорени коси и облека, па на тој начин биле застрашувачка слика за окото.12 Сепак, успеале да се пробијат од обрачот и да ги заметнат трагите.

Како што пишува Ангел Динев, наскоро по битката, Револуционерната организација им се одмаздила на предавниците. Трајко Кралот, кој се спасил од споменатата битка, многумина од предавниците пречекал во заседи и ги убил како одговор на предавството.

Чебренскиот манастир во близина на селото Зовиќ често бил прибежиште на комитите
Чебренскиот манастир во близина на селото Зовиќ често бил прибежиште на комитите

1 Георги Трајчев, Град Прилеп, историско-географски и стопански преглед, Софија 1925, 324,325.

2 Ангел Динев, Илинденска епопеја, книга II, Мисла, Скопје 1987. 70. Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија по битката кај селото Крушевица, Илустрација „Илинден“, Книга 4, Софија, април 1938, 10

3Исто.

4 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија …, 10.

5 Ангел Динев, Илинденска епопеја …, 70.

6 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија …, 10.

Ангел Динев, Илинденска епопеја …, 70..

7 Ангел Динев, Илинденска епопеја …, 70.

8 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија …, 10. Ангел Динев, Илинденска епопеја …, 70, 71.

9 Ангел Динев, Илинденска епопеја …, 71. Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија …, 10.

10 Исто.

11 Исто.

12 Петар Ацев, Со Пере Тошев од Битола до Софија …, 10 и 11.                 Крсте Гермов – Шакир често потоа, пред комитите раскажувал за битката, низ шега и смеа, особено за изгледот на двајцата борци по излегувањето од запалената куќа, а комитите секогаш го слушале со внимание и доколку не биле присутни додека раскажувал со шалење коментирале за тоа.