„ЛАТИНСКА ЦРКВА“, ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ, СТАРА ХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА, НО И ЕКСКЛУЗИВНИ СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ, СКУЛПТУРИ И КЕРАМИЧКИ ЕКСПОНАТ СО СТАРО ПИСМО

Еден исклучително интересен локалитет со впечатливи експонати на материјалната култура се наоѓа на неколку стотици метри јужно од селото Загорани, Прилепско, кое е расположено во една заветна долина, во внатрешниот дел на „потковицата“ која ја формира ридот со потковичеста форма, чиј дел од исток се вика Шишкоец, од запад Камен, од југ Црн Камен. Селото се наоѓа во подножјето на делот од ридот, наречен Шишкоец, 17 km југозападно од Прилеп. На локалитетот се констатирани наоди од римското време и остатоци од средновековна црква, но и елементи од рано христијанство. Остатоците од старата црква долго време стоеле и предизвикувале особено внимание кај жителите од селото Загорани. Тие раскажуваат за разновидни споменици кои се наоѓале во градбата и околу неа, а кои денес исчезнале во непознат правец. Се споменува извесна скулптура од мермер со претстава на куче или слично четириножно животно, која исчезнала во непознат правец, како и други слични споменици. Од овој локалитет потекнуваат, дури две скулптури, од кои едната е со претстава на жена и денес се чува во Музејот на Македонија во Скопје,1 а другата, која на своевиден начин ја откри авторот на овие редови пред неколку години, е заѕидана во основата на современата црква „Св. Никола“, при основата на јужниот ѕид. Изработката на скулптурите била со нагласена естетика и тие претставуват значајни експонати на материјалната култура на овој простор. При обновувањето на градбата на црквата, од некакви причини, изведувачите поголемиот дел од видливата страна на скулптурата, која останала на местото, го покриле со слој од бетон, но сепак се забележуваат делови од неа, кои се задната страна на ликот кој, веројатно, претставува машка фигура. Според она што може да се констатира од денешната положба на скулптурата, таа била вградена во самата основа на ѕидот уште во старата градба на црквата. Прашањето е од каде потекнува таа и како дошла да биде искористена како градежен материјал?

Селото Загорани
Селото Загорани

НЕПОЗНАТА АНТИЧКА ГРАДБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЛАТИНСКА ЦРКВА“

            Имајќи предвид дека селото Загорани е соседно село на селата Чепигово и Тројкрсти, во чии атар се наоѓа локалитетот „Бедем“, каде се наоѓал античкиот град Стибера, некои од археолозите претпоставуваат дека мермерната пластика која се среќава на локалитетот „Латинска Црква“ кај Загорани е донесена оттаму. Ние, сепак, сме на мислење дека овде постоела извесна античка градба во времето на активното живеење на Стибера и дека, токму, од неа се и денешните споменици на локалитетот кај Загорани. Потврда за ваквата констатација може да биде и фактот што од „Латинска Црква“ потекнуваат и голем број други споменици од античкиот период, кои денес не се наоѓаат на овој локалитет, односно се однесени на други места – познати или непознати. Повеќето споменици, како скулптурите, голем број добро обработени архитектонски елементи од мермер, како и епиграфските споменици, упатуваат на ексклузивна градба уште во античкиот период.

Скулптурата вградена во основата на ѕидот од црквата 3
Скулптурата вградена во основата на ѕидот од црквата 3

Таквото богатство од споменици од античкиот период, меѓу кои и споменици со посебна естетика и форма, како што се скулптурите, спомениците со натписи и слични археолошки експонати, упатуваат на градба или повеќе градби, кои на овој локалитет егзистирале уште од времето во кое се датираат спомениците, односно, потекнуваат од самиот локалитет, а не се донесени од локалитетот на кој егзистирал античкиот град Стибера или од кој било друг локалитет. Естетиката на двете скулптури упатува на квалитет сличен на оној кој го среќаваме на сличните експонати со потекло од Стибера, па констатацијата дека потекнуваат од исто време има, извесна, поткрепа.

Споменик со натпис во основата на јужниот ѕид
Споменик со натпис во основата на јужниот ѕид

СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ СО ИМИЊА ОД РИМСКИОТ, НО И ОД МАКЕДОНСКИОТ ПЕРИОД

Меѓу другите споменици, кои денес се присутни во манастирот „Св. Никола“ кај селото Загорани, посебно внимание привлекува еден поголем блок од мермер, кој е вграден, исто така, во основата на јужниот ѕид. На него се среќава натпис во кој се споменуваат имиња со потекло од римскиот, но и од постариот раноантички или македонски период. Така, на почетокот на натписот го среќаваме името Тит Флавиј Иген, а кон средината на текстот име со постар датум, Дионис Филоксен.2 Првиот дел од името е со божествено потекло земено од богот на виното Дионис, кој е бог на животот и смртта, односно на обновувањето на животот, како и бог на плодноста и плодородието, кој многу се славел на просторот на Македонија, а според пишувањето на Еврипид (Бакхи), тој најавтентично се славел во Македонија, каде тој ги напишал своите најуспешни трагедии. Познато е дека имиња со божествено потекло на личности се практикувало во Македонија, додека во делот со кој валдееле грчките племиња нема таква пракса. Вториот дел од името, односно името Филоксен, пак, не потсетува на еден од најпознатите граѓани на градот Стибера, Филоксен кого, покрај на натпис во самата Стибера, заедно со неговиот татко Орест, го среќаваме на повеќе натписи со потекло од различни локалитети, како, Хераклја кај Битола, Бријанион кај Граешница, Демирхисарско и Прилепец, кај Прилеп.

Мермерен блок со натпис „BASIL“
Мермерен блок со натпис „BASIL“

Друг впечатлив споменик е еден камен блок вграден на западниот ѕид, од левата страна на тремот. На него има натпис од само еден збор: „BASIL“, што асоцира на цар (василевс), на базилика и сл. Вградени во црковната градба или во околниот простор можат да се видат уште голем број објекти од камена пластика, односно архитектонски елементи од мермер или друг вид споменици. Тука се три фрагменти од столбови,3 една основа од столб римско-јонски тип,4 дел од масивен капител5 и сл. Еден поголем споменик – блок од мермер, кој е вграден на десниот агол на западниот ѕид на црквата, на една од поголемите површини имал украс – гирланда која, за жал, била исчукана со тврд предмет, веројатно при поставувањето на камениот блок во основата на ѕидот. На јушниот ѕид се среќаваа и два убаво обработени блока, од кои едниот е со калкан во горниот дел.

Во очи паѓа и еден објект од мермер, плочеста форма, кој на горната страна има изработено систем од каналчиња и служел за гмечење овошје и цедење сок. Слични вакви објекти можат да се сретнат на повеќе места во прилепската околина и пошироко.

ПИСМЕНИ СИМБОЛИ ИЗРАБОТЕНИ ВО ПЕЧЕНА КЕРАМИКА

Интересно е раскажувањето на еден од постарите жители на селото Загорани, Данчо Мицкоски кој, од постарите претци, слушал за тоа дека во атарот на селото Загорани се наоѓала населба во која престојувале познатите македонски просветители и светци, св. Климент и св. Наум, кои тука дошле по смртта на нивните учители св. Методиј и св. Кирил. Всушност, според преданието, овде се наоѓала областа Кутмичевица, односно областа во која биле испратени и дејствувале двајцата ученици на големите сесловенски просветители (св. Методиј и св. Кирил), Климент и Наум. Со ваквата дејност на Климент и Наум, во преданието се поврзува локалитетот јужно од манастирот „Св. Никола“, кој е познат под името „Чекутково“ и на кој има остатоци од стара населба, како фрагменти од керамички садови, остатоци од градежен материјал и сл.

Фрагменти од керамичкиот експонат со писмени знаци
Фрагменти од керамичкиот експонат со писмени знаци

Колку има историска подлога ова предание не можеме да потврдиме, но извесни експонати, односно фрагменти од еден керамички експонат, кој потекнува од старата градба, која се наоѓала на местото на денешната црква „Св. Никола“ на своевиден начин не поврзува со него. Имено, во урнатините на старата црква е пронајдена лентовидна керамичка форма на која во релјеф, со калап, биле изработени, најмалку 6 писмени знаци, кои не упатуваат на размисла дека на ова место се развивала писменоста во некое постаро време. Поради фактот што керамичкиот експонат со писмени знаци е искршен на 5 фрагменти, од кои само неа еден останале два симболи, а на другите 4 само по еден симбол, тешко е да се идентификува терминот кој го означувал натписот. Можеби со посебна стручност и анализа?

Фрагменти од керамичкиот експонат со писмени знаци 2
Фрагменти од керамичкиот експонат со писмени знаци 2

Додека неколкуте писмени симболи можат да се идентификуваат и како кирилични, еден од симболите со форма не упатува на средновековното писмо глаголица. Се работи ли за период во кој писмото преминувало од глаголица кон кирилица, па се соочуваме со користење на симболи од двете писма? Овој интересен експонат со писмени знаци заслужува многу посоодветна и, особено, стручна анализа. Да се надеваме дека тоа ќе се случи во догледно време.

1 Никола Вулиќ, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 154.

2 Fanula Papzoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE Epiri, Mace­do­niae, Thraciae, Scithiae, 142 и 143.

3 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том I, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 2001,  398 – 400.

4 Исто.

5 Исто.