НАСЕЛБА СО СИЛНО УТВРДУВАЊЕ ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ НА ВРВОТ „ПАНДЕЛЕ“ („СКРКА“) ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ПОЛЧИШТЕ – МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО
На околу 50 км источно од градот Прилеп, меѓу селата Полчиште и Бешиште во Мариово, Прилепско, се наоѓа импозантен врв познат под две имиња, „Скрка“ и „Панделе“. Првото име води потекло од природните карактеристики на врвот висок 1343 м, а второто според неговата култност, односно, како врв посветен на св. Пантелејмон со две помали светилишта на неговото плато. До него денес се искачува по стрмен и змиулест пат од неговата северна страна, одржуван со големо, речиси, херојско залагање на жители од селото Почиште, односно од Црковниот одбор, кој се грижи за двете цркви на неговото плато, како и за изградба на помошни објекти, потребни за престој на врвот при славењето на празниците и работата околу изградбата и оддржувањето на манастирот. Луѓето од Црковниот одбор со надчовечки напори успеале да ги одржат скромните црковни градби и да изградат дури две поголеми згради за сместување на гостите.1
За нас, особено е интересно, што овој врв располага со поголемо плато со рамна површина, како и неколку помали и поголеми тераси, кои на својата површина кријат видливи траги од постарите културни периоди, па и силно утврдување од камен со ѕидови без малтер, кои за време на Првата светска војна, исто така, биле користени и во голема мерка девастирани.
Големото плато на врвот „Панделе“, кое зафаќа простор од околу 1 xa, било утврдено со ѕид од камен, без малтер, кој се протега по целиот раб, најрано во енеолитот, а најдоцна во железното време, односно пред повеќе од 3.000 години. Веројатно е дека на ова место човекот бил присутен уште во енеолитот (3500 – 2500 г.п.н.е.), а многу посигурно во бронзениот период, па и самото утврдување потекнува од тие периоди. Може да се набројат голем број локалитети во областа Мариово, од поблиската и подалечната околина на „панделе“ со слични остатоци, односно, археолошки материјал и утврдувања од бронзеното и железното време. Нам ни се познати „Градиште“ кај селото Вепрчани, „Милошова Тумба“ кај селото Дуње, „Лаштигерот“ и „Градиште“ кај селото Манастир, „Богданова Нива“ кај селото Чаниште,2 „Големи Камен“ кај селото Лопатица,3 „Веслец“ кај селото Бонче,4 „Палатица“ кај селото Штавица,5 „Казан“ и „Маркови Кули“ кај селото Кален, „Градиште – Вепрчки Рид“ кај селото Вепрчани,6 „Подот“ кај селото Гудјаково и многу други. Овде, секако, треба да се набројат и локалитетите на север од „Панделе“ – „Садевите“ и „Рамнобор – Скрка“ кај селото Мелница, „Царацина Нива“ и „Заградишка Чука“ кај селото Витолиште, како и „Грамос“ кај селото Врпско,7 кои кријат култура слична или блиска на оваа од светиот врв „Панделе“. На западната страна, од двете страни на Црна Река треба да се додадат локалитетите „Црна Тумба“ и „Трештена Стена“ – двата на левиот брег во атарот на селото Манастир, како и локалитетот „Ковчезите“ во атарот на селото Крушевица, „Ташова Ливада“ и „Главицата“ во атарот на селото Чаниште, кои се наоѓаат на релативно мал простор и содржат култура од споменатите културни периоди,8 а повеќето располагаат и со остатоци од помали или поголеми утврдувања. На овој начин добиваме завидна бројка на локалитети со населби со утврдувања на релативно мал простор, односно на мал дело од областа Мариово. Всушност, се создава почетна слика за просторната структура на населбите и тврдините во енеолитот, бронзениот и железниот период во дел од овие простори, односно, една слика на инфраструктурата на населување со тврдини, кои служеле за живеење и заштита на населението во немирните времиња, но и за односот на тогашниот човек кон природните вредности и „божественоста“ на овие места. Повеќето од нив доминираат со околината, „се доближуваат“ до небото и божествата и преку нив се воспоставува нераскинливата врска меѓу човекот, како земно суштество и божествата, како надземни и семоќни суштества. Врвот „Панделе“, пак, вистински „господари“ со околниот простор, визуелно контактирајќи со широкиот простор на Мариово, но и многу подалеку, со Леринското Поле и други простори од неговата околина. Неговата визуелна комуникација достига, речиси, до сите околни врвови и може да се каже дека „Панделе“ имал моќна улога, односно, имал престижна и стратешка улога во споменатите, но и во следните културни периоди.
На платото од врвот и денес може да се видат грамадите камен од силното утврдување, кои го заобиколуваат платото на врвот и кои подоцна биле искористени за немирните воени дејства од Првата светска војна, кога биле доградени и голем број рововски јами и канали, топовски и митралески гнезда и други објекти за потребите на војната. Притоа биле раскопани и делови од праисториската населба утврдена со големи ѕидишта. На определни места од површината на платото, на кое денес се наоѓаат и неколку метални столбови со уреди за телекомуникациски потреби, се појавуваат и јасни траги, односно остатоци од праисториската култура. Меѓу археолошките наоди од движен карактер, кои можат да се сретнат на теренот, се голем број атипични фрагменти од керамички садови, како и фрагменти со определени белез, кои упатуваат на периодот од кој потекнуваат, како рачки со чепови, устинки, фрагменти украсени со плетеница и слични други наоди од керамика. Според дебелината на керамиката, може да се констатира дека имало помали, но и поголеми садови за разновидна употреба. Од жителите од околниот простор имаме и една информација за извесен наод на секира од бронза, која била случајно пронајдена во рововите раскопани за време на Првата светска војна за која има веројатност дека носи форма и белези од бронзеното време. На тој начин, множеме да се повикаме на фактот дека културата присутна на локалитетот „Панделе“ нѐ упатува на времињата од легендарната Тројанска војна, како и на оние пред неа и по неа, односно, на времето за кое определена културна, религиска и митолошка слика ни пренесува легендарниот поет Хомер во двата негови епови, „Илијада“ и „Одисеја“.
Надоврзувајќи ги на ова географските и геолошките особености на врвот „Панделе“ со исклучителната куполеста форма и големото плато на завидна надморска височина, со непосреден визуелен контакт со небото, поттикот за анализа и размисла добива особена сила. На извесен начин нѐ доближува до културната слика, начинот на живеење и верување, како и погледите на светот на жителите на оваа праисториска населба, заедно со жителите од населбите од набројаните локалитети со слична култура од пошироката област.
АРХЕОЛОШКИ НАОДИ ОД КЕРАМИЧКИ САДОВИ
1 Тренчо Димитриоски, Манастирите „Св. Петка“ кај селото Бешиште и „Св. Пантелејмон“ кај селото Пполчиште ја оддржуваат вонвременската врска меѓу небото и земјата, https://www.pelagon.mk/2019/08/11/.
2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002.
3 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 48 – 52.
4 Исто, 112 – 115.
5 Исто, 105 – 109.
6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, … .
7 Исто.
8 Исто.