КРАХ НА БУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА И ЕВРОПСКИОТ МОРАЛ ВО МАКЕДОНИЈА
– Менгеме политика за Македонија –
Ништо не е вечно на овој свет, дури и сонцето, земјата и планетите не се вечни – имаат рок на траење. Па, така и бугарската асимилаторска пропаганда еден ден ќе заврши. Всушност, сметам дека последниве години таа доживува крах во Македонија со крајно негаторските политики спрема македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја и култура, упорно форсирајќи го ставот дека сето тоа е бугарско и не обзирајќи се на тоа дека Македонци не живеат само во Македонија, туку и на територијата на денешна Бугарија, на териториите на другите соседни држави на Македонија, како и во многу други држави во светот. Во повеќето други држави Македонците се признати како засебна нација – Македонци, само во Бугарија и Грција тие „не постојат“. Политиката во Бугарија, како и онаа во Грција, ја забила главата во песок и упорно ја држи во неа за Македонците во нивната држава, па оди дотаму, што не признава ниту европски и меѓународен суд, кој донесува одлуки во корист на Македонците. Уште повеќе, Бугарија, исто како и Грција, последниве години, „влезе“ во Македонија (и буквално, влезе, без наводници) и, во името на Европската иднина, го убедува македонскиот народ дека тој нема македонски корени, туку има бугарска култура, бугарска историја, бугарски јазик дека во Македонија мнозинството се Бугари (ова е реторика на главните протагонисти на денешните бугарски политичари за Македонија), го понижува секој Македонец во елементарното чувство за припадност, за идентитет и лично определување, навредувајќи го, во исто време, дека не знае што е, кој е, од каде е и сл. Уште повеќе, не е само понижувањето, туку постои и закана по иднината на Македонците, дотаму што овие Бугарски политичари (секако не и бугарскиот народ) немало да отстапат ниту педа, ниту милиметар од своите ставови за „бугарската историја, култура и јазик на Македонија и Македонците“ и се додека ние, Македонците, не се „освестиме“ ќе бидеме „отпадници“, отфрлени или неприфатени во друштвото на достојните, односно, нема да бидеме интегрирани во „европското семејство“. Не е ли тоа крах на една бескрупулозна пропаганда за апсолутно негирање на еден идентитет, една суштина, култура и историја и сѐ што се содржи во еден многувековен и повеќеилјадно создаван и граден идентитет? Каде се границите на бескрупулозното негирање ако не се тука?
ИДЕНТИТЕТОТ НА ЕДЕН НАРОД – МИТОТ ЗА ПОТЕКЛОТО И НАСТАНУВАЊЕТО
Секој идентитет – на еден народ, на едно семејство, па дури и на еден човек е заснован на корен (раѓање) и развој (надградба). Коренот често се заснова на мит, сличен на митот за создавањето на светот. Постои мит за создавањето на Македонците и македонскиот идентитет, како што има мит за создавање на бугарскиот народ и бугарскиот идентитет. Може ли денес некој да го измени митот за создавањето на светот или митот за создавањето на македонскиот народ, или митот за создавањето на бугарскиот народ, или на српскиот, на британскиот, на германскиот или митот за создавањето на Европа. Можат ли тоа да го направат бугарските политичари? Сигурно е дека не можат, но според нивните изјави, тие никако нема да се откажат од тоа, нема да отстапат од својот став да го сменат митот на создавањето на светот, митот за создавањето на Македонците, на Бугарите, можеби и на интегрираната Европа.
А, ете, македонскиот идентитет е жив, далеку од тоа дека се губи или дека ќе биде уништен од било кого, зашто тој има свој мит, свој корен, свој развој, своја слава и историја, култура вградена во општата човечка култура – културата на светот. Значи, ние Македонците, како и сите познати народи од светот сме дел од општата историја и култура на човештвото, а тоа значи дека човештвото има заедничка историја и култура и дека така треба да ја слави. Во тој концепт на општа светска историја и култура се содржи и бугарската, секако, но и тракиската, мизиската, дакиската и многу други заборавени култури и истории кои, сепак, се тука, дел од овој заеднички историски, духовен и културен простор.
МИТОТ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ, БУГАРИТЕ И ДРУГИТЕ НАРОДИ ОД СВЕТОТ
Светската наука нема дилема дека македонскиот идентитет потекнува од митот за Македон, поврзан е и со митот за Дионис и Херакле, чии патешествија, подоцна ги следел и Александар Македонски – Хераклид по потекло. Овој идентитет прераснал во историја, која се остварила на основа на митовите со познатите митски македонски кралеви: Македон, Херакле, Темен и нивните следбеници, историските кралеви Каран, Пердика (неколку со тоа име), Аминта (неколку со тоа име), Архелај, Филип, Александар и нивните следбеници. На светот му е познато дека Филип и Александар, толку ја воздигнале славата на Македонците, што таа и денес подеднакво „свети“ во општата светска јавност, а всушност, со тоа само го воздигнале македонскиот идентитет, создале цврсти темели во неговата основа, па и покрај денешната скромна позиција на Македонците, тој сепак доволно „свети“ за да не биде уништен, без оглед на нечии намери и желби.
Бугарскиот мит за создавање и идентитет на Бугарите е поинаков, без лутење, и понов, подоцнежен, сепак е мит како и голем број други митови за создавање на идентитети. Во извесен период од развојот на овие простори, секако дека многу народи ги испреплетиле своите патишта, своите истории и култури, но митовите и историјата на нивниот автентичен равој, сепак, може да се следи, на македонскиот, како и на бугарскиот, како и на грчкиот, српскиот, алабанскиот и другите. Токму испреплетувањата заедничката историја треба да биде основа за поврзување и соработка, не амбициите за негирање и уценување. За жал, ова што денес им се случува на Македонците не е ништо друго, туку елементарно негирање, уцена и понижување на ближниот свој. Коренот на еден народ, на еден идентитет, па и на семејство, никогаш не е доволно разјаснет, ниту од најголемите научници и специјалисти во соодветната област. Ете, на пример Британците, кои се неоспорувана и силна нација, сепак, имаат многу теории за митот за нивниот Артур, па дури и сомневања за неговото постоење. Сепак, Артур е нивната основна митологија, основна легенда за нивното настанување и развој до ова што се денес. Точно е дека Бугарите се нација со измешан состав од минатото, како и големиот број други нации, но тие си го чуваат митот за Бугарскиот предок, иако многу нешта поврзани со тој мит, денешните Бугари, напуштиле или запоставиле, особено извесни културни белези, особено бугарскиот јазик, од кого сочувале само неколку збора, за кои знаат само врвните научници на бугаристиката.
КРАХ НА ЕВРОПСКИОТ МОРАЛ – МОЖЕ ЛИ ЕВРОПА ДА ПРОДОЛЖИ СО ВАКВИ ПРИНЦИПИ И МОРАЛ
Македонскиот идентитет се крепи на поинакви основи, на поинаков мит, тоа е мит надалеку познат во светот, мит кој се зачувал во помнењето на една популација, таа која денес се идентификува, се определува, се чувствува и декларира како македонска, а нејзините поединци како Македонци. Која е разликата овде со случајот на Британците, на Германците, на Бугарите и другите народи? Не е ли во многу елементи слична? Кое е правото на кој било, од кој било идентитет да го негира македонскиот идентитет? Дали е тоа лично, европско или меѓународно право!?? Од каде е потребата некој да доведува друг во положба да го докажува својот идентитет во ситуација кога нема идентитет во светот, кој не може да се оспори, барем, од еден аспект, во едн елемент, со еден податок – митолошки или историски?
Го знае ли тоа Европа, односно, го знаат ли тоа првенците на Европа, знаат ли во каква положба е доведена една нација, еден народ, етникум, ако сакате, особено поединците од тој идентитет, кои се изложени на крајно негирање, понижување, изолирање и сл. И сето тоа во името на неизвесната светла иднина?!! Падна ли европскиот дух на елементарни сопки на човечкото достоинство, правда и лични права и слободи, на самоизјаснување, самоопределување и неприкосновеното лично право на идентификување? Не е ли тоа крах на европскиот морал во Македонија?
Во нашиот народ има една, по малку груба, но јасна поговорка: „Што не се прчило, нема да се кози“. Сакаат ли некои наши „добронамерни“ соседи да ја негират оваа вистина. Да докажат дека го нема тоа што го има, односно дека го има тоа што го нема!??
На крајот, слушајќи ги ставовите на бугарските гласноговорници, следејќи ја нивната тврдокорност околу „бугарштината“ во Македонија и „измислениот“ македонизам, само на најглупиот не му е јасно дека нивната цел е од Македонците да направат „новоосвестени“ Бугари, а од Македонија „бугарска“ територија. Санстефанска Бугарија, незаборавената Бугарија од Сан Стефано. Па, нели овој датум од Сан Стефано во Бугарија се слави и денес? Всушност, од таа страна, нас, Македонците нѐ убедуваат дека и ние треба да го славиме тој датум „освестувајќи“ го во нас „заборавеното“ бугарско чувство, а тие, можеби и ќе прифатат извесна Македонија со „мнозинство“ Бугари, односно Македонија, без Македонци, туку со Бугари и други?!!! И сето ова со силна сугестија од Европа, ние, Македонците да се разбереме со соседите, за да нѐ примат во европското друштво. Со такви принципи ли, со таков морал? Доживеа ли европскиот морал крах во Макеонија? Може ли Европа да опстане со такви принципи и крахиран морал, таков, кој подржува газење по основните човекови права и понижување на основното во човекот?
Сите, кои сметаат или нѐ убедуваат дека ова прашање се решава само со дијалог се во тешка заблуда. Во дипломатијата има едно правило: она што не се решава да го заобиколиш, да продолжиш со решавање на други проблеми, а нерешливиот проблем ќе стане решлив со некои следни генерации, генерации со поинаков морал и соодветно чувство за правда, не правда од позиција на моќ и силен европски грб. Без грижа за основните морални чувства и одговорност.
На крајот, како се случи Европа да ја прибере Бугарија во свое друштво знаејќи го нејзиниот став во однос на Македонија и Македонците? Ќе ја прибере ли на сличен начин и Албанија, па и Србија, па така да го реши „македонскиот проблем“ со менгеме политика?