РАНОХРИСТИЈАНСКИТЕ ЦРКВИ ВО СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП

Долгиот континуитет на цивилизација на просторот на Варош и Марко­ви Кули морал на свој начин да се одрази во времето кое се напластувало едно на друго оставајќи зад себе често “тешко” наследство од изживеана и материја­ли­зирана култура. Во целото тоа долго патешествие од длабоката праисторија чии траги се среќаваат на Маркови Кули како и на неговите падини и во поширокиот простор посебно место зазема митолошкото минато кое во разни форми на култно практикување се менувало во различните периоди. Секогаш цврсто врзано за нишката на постојаниот еволутивен растеж на религиската свест кај жителите на населбите од овој простор религијата само се повторува материјализирана во посовршени форми се до денешната, чија основа е едиствено совршенство (бог) и безусловната верба во него.

Црквата 2Св. Никола“ во Варош од северозапад 2

          Појавата на христијанството е поврзана со римскиот период на светот кога како резултатат на појавата на вистинскиот месија испратен од бог, Исус Христос, божјиот син, доаѓа и најновата вера со сопствени религиски содржини и идеологија. Познато е дека Македонија е една од првите земји во која допрела христи­јанската религија уште во првите векови на новата ера, речиси изворно преку еден од првите ученици на Исус, апостол Павле. Историски е потврдено дека тој во Македонија доаѓа дури четири пати, според наводи од библијата, повикан од народот на кој му требало спас. Дали неговото доаѓање значело дека овој народ бил на такво ниво што веќе ги изживеал сите дотогашни религиски форми и му требала религија која е посовршена и посодветна на неговото ниво на свест? Како што е познато и потврдено со научни докази првата црква во Македонија и во Европа е направена по доаѓањето на апостол Павле во градот Филипи, а последниве години е афирмирано и името на првата покрстена Македонка, Лидија. Нејзиното име буди асоцијација на една од македонските реки која се вика Лидија, како и на една од малоазиските држави која постоела во антиката и нејзиното име е исто така Лидија. Во неа (античката држава Лидија) се наоѓал и легендарниот град Сарди во кој извесно време владеел и еден од најпознатите цареви од тоа време Крез или Кројс. Дека Македонија е вистинска библиска земја од која се раширило христијанството во Европа потврда се и големиот број ранохристијански цркви на целиот нејзин простор.

Од голем број од нив не останала ни трага или се уште се неиден­ти­фи­кувани од археолозите. Познати се над 200 (230 за В. Лилчиќ, a 330 за И. Микулчиќ) ранохристијански базилики, а тој број, сепак, не е конечен1 зашто нови слични светилишта од првите векови на христијан­ството се повеќе се откриваат на просторот на денешна Македонија. Од археоло­зи­те се регистрирани три ранохристијански цркви на просторот на Варош кои се наоѓале на местото на денешните цркви Св. Архангел Михаил, Св. Никола Мирликиски и Св. Богородица Пречиста2. Голем број мер­мер­ни сполии во постојните црковни градби, вградени во нивните ѕидови, покажуваат дека Варош од многу одамна бил религиски центар. Откривањето траги од постари цркви и храмови можно е допрва да се случува на овој простор кој на некои делови бил континуирано населуван, a сепак, не се констатирани местата на старите светилишта на кои се можни појави и на христијански цркви кои често биле и насилно уривани од различните наезди. По изградбата на првата црква во Македонија по доаѓањето на апостол Павле во градот Филипи, веројатно, проследиле и голем број слични градби на поширокиот простор. Тоа посебно се случило по специјалниот едикт издаден од императорот Константин I во 313 г. на нашата ера со кој се официјализира толерантен однос кон христи­јанството. Според, археолозите и историчарите христијанството и христијан­ските градби посебен процут доживуваат во Македонија со формирањето на Првата македонска архиепископија за време на императорот Јустинијан I во 535 година во градот, кој, исто така е изграден за време на овој император познат како Јустинијана Прима3, а чие седиште се смета дека било во древниот град Скопје, познат како Скупи. Според историските податоци и самиот Јустинијан потекнувал од населба блиска на Скопје – Таурисјан, која се наоѓала на просторот на денешното село Таор. Под јурисдикција на оваа архиепископија во Македонија биле изградени повеќе цркви со пораскошни градби и украсување. Веројатно таа ренесанса на ранохристијански градби допрела и до населбата кај Варош која некои археолози и историчари ја идентификуваат со античко име Керамиа.4 Токму таквата основа од ранохристијански базилики можела да биде основа за изградба на голем број подоцнежни цркви на овој простор. Дел од тие цркви и денес се во својата стара конструкција од првите векови на минатото илјадалетие.

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош со Маркови Кули и Златоврв

Според нашите сознанија, веројатно е дека ранохристијанска црква постоела и на Маркови Кули, во утврдениот дел од стариот град Прилеп. Меѓу нашите фотографии се наоѓаат и два фрагменти кои упатуваат на раното христијанство, а тоа е еден фрагмент од капител и еден фрагмент од прозорско мено, кои пред повеќе од дваесет години ги сретнавме под самиот врв Чардак на Маркови Кули. Многу веројатно е дека овие фрагменти се истракални од повисоките делови на Чардак, односно од терасата под самиот врв, на југоисточната страна на врвот, на која се документирани поголем број градби со квалитетна архитектура. Од археолошките истражувања направени пред повеќе децении, односно во седумдесеттите години на дваесеттиот век, на највисоките делови на Маркови Кули,5 односно на врвот Чардак се регистрирани остатоци од религиски објекти, но е утврдено од кој период потекнувале тие.

Црквата „Св. Богородица Пречиста“ во Варош

Не е исклучено дека ранохристијански цркви се наоѓале и на други места на просторот на кој бил расположен стариот Прилеп, особено на местата на другите средновековни цркви во денешниот Варош.

 

1 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, Ранохристијански цркви во Македонија, Македонско наслед­ство, бр. 5, 1997 г. Според каталогот на регистрираните места на кои се среќаваат остатоци од ранохристијански базилики во Македонија постоеле 235, но истражувачите истакнуваат дека оваа бројка не е конечна.

2 Исто.

3 Исто.

4 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, книга I, Скопје 1957, 223.

5 Еугениуш Цнотливи, Истражувачки работи на тврдината Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули – извештаи од работата на Мисијата 1984 – 1988, 48 – 50. Еугениуш Цнотливи, Истражувачки работи на тврдината Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули – извештаи од работата на Мисијата 1984 – 1988, 48 – 50.