ТАЈНИТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“ МЕЃУ СЕЛАТА АЛИНЦИ И ШЕЛЕВЕРЦИ, ПРИЛЕПСКО (2)

(Како, во не толку далечно време (пред четириесетина години), бесмислено е уништен еден исклучителен споменик на природата и културата)

 Само пред четириесетина години од лицето на земјата, речиси, е избришан единствен споменик на природата и единствен археолошки локалитет од атарот на селата Алинци и Шелеверци, Прилепско. За ова веќе пишувавме,1 но сметаме дека имаме дополнителни интересни сознанија и дека никогаш не е доволно да се напише за едно вака бескрупулозно уништување на непојмливи природни и културни вредности. И тоа, само пред неколку децении!!? Ова, сметајќи дека во тоа време, речиси, е неможно да не постоел човек, да не постоела институција или каков било правен субјект, а да не може да забележи дека се работи за вистинско злосторство. Замислете, пред само неколку децении две големи карпи со исклучителни форми и исклучителни културни остатоци, биле употребени за кејови, плочници и сл. Две карпи во внатрешниот дел на Пелагонија, каде таквите појави се сосема ретки, додека по нејзината периферија има изобилство од камен од различни видови. Од друга страна, жителите од околните села и денес раскажуваат за „чудата“ кои ги содржеле овие карпи. И не само тоа, туку тие раскажуваат дека во нивно време на овој локалитет доаѓале личности од Германија,2 од Словенија и други држави, спиеле тука во шатори и учеле за минералите, кои ги крие локалитетот. Не ни е познато дали тие знаеле и за културните вредности кој биле дел од истиот локалитет. Веруваме дека, барем некои од нив знаеле. Но … . Во седумдесетите и осумдесеттите години на минатиот век, некои моќни глави, решиле сето тоа да го уништат за сметка на кејови и плочници. И го уништиле, успеале во тоа! Денес нема ни трага од две големи карпи – помалата позната како Алински Камен и поголемата, позната како Шелеверски Камен. Заедно, Каракамен. Со тоа, речиси, исчезнале и неколкуте видови минерали кои биле присутни на локалитетот. Вистинска природна реткост – 8 минерали на едно место.3

Мало камено орудие и фрагменти од керамички садови и жртвеници со локалитетот

Карпите биле и средиште на култура уште од новото камено време, веројатно, биле своевидни култни објекти, односно, објекти на особена почит, на особен третман и објекти, кои предизвикувале највисока почит кај тогашните жители. Тоа го „кажуваат, големиот број фрагменти од садови од керамика и камени орудија, разни форми, со различно украсување и во исклучителен број, растурени во кршот кој бил направен со минирање и кршење на карпите. Се забележуваат, дури и остатоци од ѕидови од камен, како и остатоци од градби правени со плет и глина, која денес ја среќаваме во изобилство со трагите од дрвото за кое била залепена, поцрвенета или потемнета од сонцето и печките, кои гореле во просториите на објектите.

Две орудија од камен

Речиси, зачудувачки содржајни се и денешните раскажувања на жителите од двете села за Алински и Шелеверски Камен. Во нив се содржат и природните и културните вредности, кои биле одлика на целиот локалитет и на главните објекти кои го обележувале просторот – двете карпи. Еве едно такво раскажување од нашиот соговорник од селото Алинци, Миле Мирчески:

– Имаше два камена, еден во нашиот атар, Алински Камен и еден во атарот на селото Шелеверци, Шелеверски Камен. Целото место се вика Каракамен. Нашиот камен беше помал, а оној од Шелеверци многу поголем. На двата имаше чудни работи. На Шелеверски Камен скали и стапалка од Кралот Марко, вистинска стапалка. Имаше и три места каде што засекол со сбјата, како и еден бутим. На нашиот камен имаше фурна направена во каменот, со огниште и отвор за да излегува чадот. На двете места се наоѓаа многу убави украси, како за на прстен или за на белегзија. Еден таков украс што лично го видов, мора да имаше злато во него, толку беше убав, ама незнам каде отиде. По нашите куќи имаше многу такви украси порано, незнам каде отидоа. На Каракамен, и денес, доаѓаат некои луѓе, копаат и бараат од таквите украси за да ги продаваат во градот.

Поголема група фрагменти од керамички садови

Ете, жителите, речиси знаеле дека се работи за нешто вредно, исклучително. Знаеле геолози, рудари и минералози. Знаеле ли институциите што се занимавале и биле надлежни за културното наследство? Не сме запознати со тоа, но уништувањето на вакви вредности, барем нам, ни изгледа непростливо, апсурдно и крајно неодговорно. Ваквата констатација, сепак, изгледа излишна по направената деструкција. Сепак, сметаме дека, со соодветен однос, може нешто да се зачува, особено да се истражи и дознае за културните и природните вредности на овој локалитет, кој во извесни стручни области е познат и во светот. На крај, мораме да констатираме дека, од нашето искуство и истражување, овој локалитет не е единствен, кој е уништен на ваков начин, туку е само еден во низата локалитети со слични вредности на територијата на цела Македонија. За жал, но и за срам!

1Тренчо Димитриоски, Тајните на локалитетот „Каракамен“ меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2020/12/12/

2 Исто.

3 Исто.